Заев за „Танјуг“: „Отворен Балкан“ е затоа што заедно можеме да направиме многу и очекувам наскоро да се приклучат и Приштина, Сараево и Подгорица

„Балканот повеќе не е темпирана бомба, туку симбол на пријателство, а регионалната иницијатива „Отворен Балкан” создава многу можности за подобар живот на граѓаните во сите земји во регионот“, вели премиерот Зоран Заев во интервју за српската агенција „Танјуг“.

Заев истакнува дека кога го кажува тоа ги пренесува мислите и на претседателот на Србија Александар Вучиќ и на премиерот на Албанија Еди Рама, додава дека во претстојниот период и покрај воздржаните или негативните реакции што доаѓаат од Приштина, Сараево и Подгорица, во врска со „Отворен Балкан“, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора ќе се приклучат на иницијативата бидејќи сите истражувања покажуваат дека граѓаните на овие земји гледаат позитивно на потенцијалот на придобивките што го носи регионалната соработка и отворените граници.

„Единствените начини како ние можеме да го подобриме животот во регионот е да го донесеме тоа што го имаат граѓаните во Германија, во една Франција, во една Австрија, Италија, Швајцарија овде во регионот. Да го направиме и нашиот регион поврзан и заеднички и отворен пазар. За разлика од минатото кога преовладуваше политичко непријателство, кавги, проблеми сега сите заедно во „Отворен Балкан“ работиме на интеграцијата на регионот во ЕУ со забрзување на процесот за европски, поквалитетен живот за граѓаните“, истакна премиерот Заев во интервјуто за „Танјуг“.

„Јас тврдам дека децата на многу луѓе што загинаа во војните на Балканите сега се возрасни луѓе, интелектуалци, и тие ја носат својата загуба внатре и сметам дека мнозинството од нив гледаат кон иднината, кон заедништвото, кон соработката. Не ни треба нови непријателства, национализми или етноцентризми. Наспроти нон пејперите кои поттикнуваат такви визии, јас верувам дека можеме да го направиме заеднички Балканот заедница каква што е денеска мултиетничка Северна Македонија. Во еден период заедно сите ќе влеземе во ЕУ. Ние имаме што да ѝ дадеме на ЕУ и јас многу верувам во тоа“, порачува премиерот Заев во интервјуто за „Танјуг“.

Тој во продолжение истакнува дека радикалните национализми во Северна Македонија, кои што порано ги имаше многу, сега исчезнуваат. Партии кои се залагаат за Илирида не можат да добијат ни претседател на месен одбор, а не советник или градоначалник на избори.

„Немаат поддршка ваквите проекти затоа што денеска нема непријателство помеѓу Македонците и Албанците, и меѓу сите други во земјата. Ние сме пример на соживот и верувам дека на ова како на модел ќе се гледа со сѐ поголемо одобрување“, вели премиерот Заев за „Танјуг“.