Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши денеска неколку часа разговараа околу можноста за коалицирање, но не си подадоа рака за конечен договор.
Најавите се дека разговорите ќе продолжат и идната недела. Откако ги сослушале понудите и барањата кои што биле ставени на маса, двајцата лидери во рамките на своите партии ќе треба да разговараат за следните чекори.
Пресудни за донесувањето на одлуката, според Гаши, ќе бидат интересите на државата, граѓаните, на Албанците и на Алтернатива.
Премиерот на средбата беше придружуван од заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски. Токму тоа ги подгреа шпекулациите во јавноста дека станува збор за сериозен кандидат кои би можел да го замени Заев на премиерската и лидерската функција.
Заев денеска ја потврди таквата информација. Вели дека СДСМ на внатрепатриски избори ќе треба да ја донесе одлуката кој ќе биде идниот лидер на партијата. Ставот на Заев е дека, идниот лидер на СДСМ треба да биде и новиот мандатар.
Премиерот Зоран Заев во вторник ќе поднесе оставка од функцијата претседател на СДСМ и смета дека идниот лидер на партијата треба да биде и мандатар и премиер во новата Влада.
Одговарајќи на новинарско прашање после денешната средба со лидерот на Алтернатива Африм Гаши Заев кажа дека за разлика од други политичари тој стои на зборот за оставка и од премиерската и од лидерската функција во партија.
Во вторник како што кажа ќе побара да се свика Извршен и Централен одбор на СДСМ на кој ќе ја даде неговата оставка, а потоа партијата треба да организира избори за нов лидер. Смета дека има време да се избере претседател на партијата кој потоа како мандатар ќе предложи нова Влада.
„Зборот е збор и треба да се одржува. Во демократијата се поднесува одговорност кога ќе изгубите и јас ја преземам одговорноста и сакам да оставам шанса на сите наши прогресивни граѓани.
Не е лесно да се биде прогресивен, тоа значи да гледаш малку подалеку, да не калкулираш поради политички рејтинг и политичка фотелја.
Убеден сум дека сум оставил свои впечатоци, но носам и горчина со мене затоа што не можам да сфатам како Карпош, најинформиран, најупатен, еден дел од највисоката интелигенција на земјава, вака да одлучи.
Значи почит спрема секој, но не можам да ги сфатам работите и за Град Скопје, кога ја имате лагата апсолутно споделена и како тоа никому не му е значајно“, рече Заев додавајќи дека доцниме 30 години од неносење на политички одлуки во минатото и од политички калкулации.
Зоран Заев оставката од двете функции ја најави по поразот на локалните избориво неделата вечер на 31 октомври.