Зајкова за „Фокус“: За преговарачката рамка потребно е без популизам пратениците јавно да расправаат во Собранието

За ЛДП францускиот предлог е неприфатлив, а партијата најави дека ако се прифати францускиот предлог, ќе излезат од владата. Според нив отворените прашања со Бугарија треба да се решаваат билатерално, и согласно европските вредности, а за македонскиот јазик и идентитет не смее да се преговара.

За „Фокус“ потпретседателка на ЛДП Моника Зајкова вели дека како што нашите стремежи кон ЕУ се јасни, така и Европската Унија треба да каже јасно дали сака да сме дел од неа под еднакви критериуми под кои дел станале останатите 27 држави членки, а не преку креирање на европски преседани.

Аспирациите кон ЕУ на земјава се јасни, но континуирано со години има одредени пречки, што се случи, што одбивме како земја?

Зајкова: Пораснав со сонот за Европската Унија, но очигледно работите на ова поле се движат како џиновски слон и секогаш има нешто што нè попречува. Што се однесува до францускиот предлог, не можам да кажам што точно сме одбиле кога официјално до нас како пратеници не пристигнал. Оттука, останува да анализираме што одбивме од тоа што го соопштуваа медиумите.
Сепак, ова е прашање од кое зависи иднината на државата и генерациите во неа, кое бара навистина сериозен и одговорен пристап. Затоа транспарентноста и вклученоста треба да бидат принципи кои ќе нè водат и нас и ЕУ во процесот. Како народ навистина сме револтирани што постојано сме предмет на неправди.

Како млада личност и претставничка на младите во Парламентот, имаме ли европска иднина, треба ли да веруваме?

Зајкова: Претставничка сум на сите граѓани кои ми ја дале довербата, но и на сите други кои решиле да ми се обратат ако имаат некој проблем, прашање или сакаат да застапуваат иницијатива пред пратениците. Најдраго ми е што мојот ангажман околу подобрувањето на положбата на младиот човек во општеството, а не само мојата возраст, направија честопати да ме поимаат како претставничката на младите и прогресивни луѓе во општеството.

Ние со самото тоа што сме родени на европскиот континент сме Европејци. Жал ми е што со сите случувања евроскептицизмот особено меѓу младите луѓе значително е во пораст и што оние европски принципи на кои се темели Унијата се разнишани. Од друга страна, пак, гледаме дека младите луѓе кога студираат или работат во странство, најчеста дестинација се европските земји. Значи, европските вредности и начин на живот се блиски на нашата младина.

Затоа, тоа што ни преостанува е да си ја изградиме европската иднина самите. Верувам дека со чесна работа, системски реформи, јасна државна политика и обединетост околу националниот интерес, ништо не е недостижно. Не смееме да дозволиме да бидеме изолирана држава без иднина и перспектива. Ништо не нè спречува да го подигнуваме квалитетот на јавните услуги, да го демократизираме системот, да ја развиваме економијата, да инвестираме во образованието и во здравството уште пред да ги почнеме преговорите за ЕУ. Ем што ќе се подобри животот на сите граѓани, ем ќе се олеснат подоцнежните преговори.

Либералка, потпретседателка на ЛДП, што е она што либералите им е фокус во Европа и во Македонија?

Нашето либерално семејство во Европа е трето по бројот и распоредот на силите во Европскиот парламент, а на последните избори и анкети забележуваме нагорен тренд. Либералите во Европа се залагаат за здрава животна средина, владеење на правото, поголемо почитување на човековите права и слободен пазар. Како групација која се залага за поголема европска интеграција и посилна Европска Унија, во фокусот е и интегрирањето на шесте земји од Западниот Балкан. Алијансата на либерали и демократи во Европскиот парламент постојано доставува иницијативи и резолуции, т.е. таа е една од најактивните пратенички групи.

Меѓу резолуциите усвоени на последниот Конгрес на АЛДЕ е и онаа со која се настојува земјите од Западен Балкан да добијат можност преку свои претставници да учествуваат на европските избори како набљудувачи и да бидат претставени пред работата на Европскиот парламент без право на глас. Оваа резолуција би ни дозволила нам, како и на другите земји од регионот, директно да почувствуваат како е да се биде дел од европските институции, а искуството од нив би било пренесено до домашните институции.

Како е прифатен либерализмот во Северна Македонија?

Зајкова: Само со иницијативи од кои граѓаните ќе почувствуваат директен бенефит Унијата може да го зачува својот рејтинг. Тука како и многу пати ќе напоменам дека со моите пријатели се бориме земјите од Западен Балкан да бидат вклучени во Европскиот телеком од што нашите граѓани би имале пристап до слободен интернет во секоја земја-членка, односно во роаминг зоната. Сметам дека ваква иницијатива многу ќе им олесни на нашите туристи кои патуваат низ Европа, а ќе овозможи и поефикасно вмрежување на нашата земја со државите од ЕУ.

По однос на делот за Македонија морам да признаам дека, за жал, либералниот пристап сè уште е не доволно разбран. Често либерализмот е поистоветуван со безредие, а либералната идеологија подразбира секој граѓанин да може да ужива во своите права, сè додека не ги загрозува правата на другите. Додека другите идеологии ставаат акцент на колективот и на групата, либерализмот се залага за индивидуата и нејзините права и интереси, сфаќајќи дека никој во едно општество не е слободен ако на само еден човек му се одземени правата.

Сепак не смее да се заборави дека Либерално демократската партија активно работела, работи и ќе работи на креирање политики за подобар животен стандард, прогресивно општество, поголемо ниво на демократија во земјата, развивање на економијата, рамномерен регионален развој, децентрализација, принципиелна надворешна политика, поддршка на маргинализираните заедници и застапување на интересот на младите.

На пример, ние сме една од ретките, ако не и единствена партија во Македонија, која има Совет за човекови права во рамките на партијата. Од оваа група произлегле многу активности за борба против говорот на омраза, феминистички иницијативи за положбата на жената во македонското општество и кампањи за еднаквост.

Каде оди земјава со сите можни кризи, дали со последните случувања се вративме чекори назад и дали сè уште може нешто да направиме?

Зајкова: Најпрвo, мора да бидеме искрени сите и да си признаеме дека не само земјава, туку светот се соочува со економска и енергетска криза како резултат на пандемијата и војната која се случува во срцето на Европа. Кризата, т.е. кризите се глобални, а не само кај нас.

Не мислам дека сме се вратиле чекори назад, но факт е дека тапкаме во место. Дали може нешто да преземеме? – Секако дека може! Спротивното би значело дека не постоиме. Тоа што повеќе од кога и да било во моментов е потребно е политичка одговорност и свесност.

За евроинтеграциите дали е важно која политичка партија ќе ја предводи државата?

Зајкова: Кога сите политички чинители ќе сфатат дека не е време за собирање на ситни политички поени и распалување на страсти, тогаш можеби и ќе направиме нешто. Во прашање, не е повеќе која политичка партија ќе раководи со државата. Ние не дебатираме за разлики во политиките или пак решаваме дневни прашања. Во прашање е каде се движи држава и стратешки и демографски. Тоа што сметам дека треба да се направи е да се остави на страна дневната политика и желбата за власт и да седне сериозно да се разгледаат две клучни прашања.

Првото е од домашен политички карактер: како да се ублажи кризата. Сите политички партии и нивните претставници имаат одговорност кон оваа држава, од која не смеат да се изземаат. Во време на криза потребна е обединетост и конструктивност со цел да се помогне на граѓаните, како и на приватниот сектор за да се подобри животниот стандард во земјава.

Второто прашање е како да го продолжиме нашиот европски пат. По однос на последните случувања, не мислам дека сме изгубиле сè. Повторно би апелирала само на неизбрзаност, доверба и креирање на државна стратегија за исполнување на нашата цел како држава – интеграција во Европската Унија. Станува збор за многу значаен и сензитивен процес за кој треба да се дебатира.
Кога е во прашање националниот интерес, јасно е дека позитивен исход може да има ако сите најдеме заеднички јазик кон истиот. Мора да се изгради општествен и политички консензус. Времето од нас бара јасно да ги кажеме нашите ставови и определби, а не да калкулираме. Како политичари им го должиме тоа на граѓаните. Бидејќи е неизвесно како целиот процес понатаму ќе продолжи мислам дека е важно за натамошните чекори да бидат консултирани сите политички чинители. Во НАТО веќе влеговме, а што се однесува на пристапувањето кон ЕУ: тоа од нас ќе бара поголемо ниво на демократска политичка култура која мораме да почнеме да ја градиме уште од сега.

Се надевам дека по однос на преговарачката рамка – штом ја добиеме – ќе имаме можност аргументирано и без популизам да расправаме на Комисијата за надворешни работи во нашето Собрание. Сами низ конструктивни и искрени предлози и дијалог можеме да мрднеме чекор напред и конечно да покажеме унифициран став по однос на државните позиции. Ние во ЕУ треба да влеземе само како Македонци со македонски јазик како официјален јазик во ЕУ.

ИЗВОР ФОКУС.МК

sun win

tải sunwin game bài sunwin tải sunwin apk

sunwin

game sunwin

tải sunwin