Австриските медиуми известуваа дека Северна Македонија се соочува со една од најголемите трагедии во својата понова историја, откакоголем пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани одзеде 59 животи и повреди над 150 лица. Во саботата наутро, меѓу првите ударни информации во австриските медиуми беше веста за тешката несреќа што се случи во Кочани. Европските и австриските медиуми известуваа за многу настрадани посетители во дискотеката „Пулс“ за време на концерт на популарната хип-хоп група ДНК. Според првичните информации, пренесени од македонските медиуми, пожарот избувнал поради користење на пиротехнички средства, од кои се запалил таванот на клубот.
За многу кратко време, пожарот се проширил низ целиот клуб, предизвикувајќи паника кај посетителите кои очајнички се обидувале да го напуштат местото. Но, бидејќи клубот немал стандарди за вакви вонредни ситуации, епилогот е трагичен – 59 загинати лица и преку 150 повредени, од кои многумина во критична состојба. Сите првични информации беа преземани од македонските медиуми, а најмногу од „Канал 5“.
Австриските медиуми во извештаите истакнаа дека клубот немал капацитет да прими 1.500 посетители, што е двојно повеќе од дозволениот капацитет на објектот. Дополнително, во текот на вчерашниот ден се објавија информации за истрагата, во која се уапсени повеќе државни службеници и организатори на настанот. Исто така, беше утврдено дека клубот работел без валидна лиценца, со претпоставки дека истата е добиена со мито. Самата зграда немала ни основни безбедносни мерки како противпожарен систем, противпожарни апарати и излези за итни случаи.
Медиумите известуваа дека болниците во Македонија се преполни со повредени, но исто така беше нагласена и солидарноста на соседните држави, кои испратија свои специјалистички тимови, авиони и хеликоптери за транспорт и хоспитализација на повредените во клиники во Србија, Бугарија, Грција и останатите европски држави. На клиниките во Виена и Грац , според Австриските медиуми се хоспитализирани 6 тешко повредени граѓани на Република Македонија. Исто така се известуваше и за граѓаните на Република Македонија покажаа огромна солидарност и сочувство кон семејствата на настраданите нудејки сместување, парична помош и сe што е потребно за семејствата на настраданите. Австрискиот канцелар Кристијан Штокер објави на мрежата X дека ја споделува тагата на северномакедонските пријатели, кои ја оплакуваат загубата на толку многу млади животи во Кочани.
„Австрија е со народот на Северна Македонија и им посакуваме брзо закрепнување на повредените“, изјави Штокер.
Австриските медиуми, во текот на вчерашниот ден пишуваа и за собирите и протестите што беа организирани низ државата, како и за демолирањето на објекти во сопственост на организаторите на немилиот настан во клубот „Пулс“.