Албанец вооружен со мачета бил совладан и уапсен откако рано утринава се заканил дека ќе убие полицајци во полициска станица во западна Германија, соопшти обвинителството. Според инспекторите, тој имал исламистички, екстремистички мотив, пренесе АП. Албанскиот државјанин (29) околу 02.40 часот по полноќ пристигнал во полициската станица во гратчето Линц на Рајна, меѓу Кобленц и Бон.
Обвинителите рекоа дека тој постојано извикувал „Алаху акбар“ – „Господ е голем“ на арапски – и рекол дека сакал да ги убие полицајците. Дежурните полицајци ја заклучиле вратата од полициската станица и влезот во внатрешниот двор. Осомничениот се обидел, но не успеал да ги натера да го отворат влезот, се вели во соопштението на обвинителот. На местото на настанот биле повикани специјалци кои го совладале со пиштол за шокирање. Инцидентот во Кобленц уследи по нападот со нож на 23 август во западниот град Солинген, во кој осомничен екстремист од Сирија беше обвинет за убиство на три лица.