Од име на Бирото за јавна безбедност, изразуваме најдлабоко и искрено сочувство до семејствата и пријателите на сите оние кои ги загубија своите сакани во оваа катастрофална трагедија. На сите повредени им посакуваме брзо и успешно закрепнување. Како прв човек и директор на БЈБ, можам да ве уверам дека ќе направиме сè што е во наша моќ, знаење и капацитет за темелно да ги истражиме причините за оваа трагедија и да ги донесеме одговорните пред лицето на правдата без исклучок за кого се работи. Од првиот ден на моето назначување со тимот околу мене, нашата постојана посветеност е да го демонтираме и уништиме монструмот кој е раширен како канцер низ целиот институционален систем, монструмот што е создаван и растен со децении во нашата Македонија.
Лично јас, од првиот ден кога сум вработен во МВР, а и кај секој еден чесен професионалец на полицијата, немало и нема да има поколебливост во одлучноста и решителноста да ги извојуваме битките кои водат кон успех и победа над овој институционален криминал. Верувајте, работиме со натчовечки сили да ги подобриме безбедносните стандарди и да се осигураме дека таквите несреќи нема да се повторат. Во овие тешки моменти, ние како заедница треба да се сплотиме и да се поддржуваме едни со други. Како и претходно, и сега ја повикуваме целата јавност, сите општествени и чесни институционални чинители да ни се приклучат во уништување на монструмот. Заедно, ние ќе го надминеме ова искушение и ќе го истрасираме и изградиме патот кон побезбедна иднина за сите нас.