Американец осум месеци се криел во Херсон и го раскажа своето трауматичко искуство. Станува збор за Тимоти Моралес, 56-годишен професор по англиски јазик од САД. Човекот останал во својот стан и гледал филмови на својот лаптоп. Внимателно ѕиркал низ прозорците, во страв да не го видат руските војници кои се вселиле во зградата спроти него. Живеел во страв затоа што сметал дека поради неговата националност Русите можат да го убијат. Американецот во јавноста се појави дури откако Украинците влегоа во градот минатата недела по повлекувањето на Русите. „Имаше моменти кога бев очаен“ изјави Моралес за „Њујорк тајмс“.
Во Херсон сега нема струја, вода, ниту парно. Пред Русија да ја нападне Украина на крајот на февруари, Моралес отворил училиште за англиски јазик во Херсон. Во првите неколку дена од војната во Украина, тој бил заглавен на руската страна на фронтот. Еднаш се обидел да побегне преку автопатот што води кон северна Украина, но се вратил во градот веднаш штом видел руски тенкови како тргнале на тој пат. Тој се грижел за својата 10-годишна ќерка, која го напуштила градот заедно со поранешната сопруга, а тој не можел да замине. „Не сакав да го ризикувам мојот пасош“ рече тој.
Роднините на неговата поранешна сопруга, Украинка, му носеле храна, а понекогаш тој одел во продавница. Одел во продавница каде работела млада девојка која имала проукраински ставови и се надевал дека нема да го предаде на окупаторите. Но, таквите патувања до продавницата биле исклучок и тој главно живеел како самотник. Во септември, излегол во дворот и видел руски војници како ги туркаат пушките низ порозна метална ограда. Веднаш се вратил во станот и ја заклучил вратата. Набргу потоа пристигнала руска патрола. Сосетката му рекла дека нема избор и дека мора да им ја отвори вратата.
Кога отворил, се нашол лице в лице со офицер на ФСБ. Моралес зборува руски, но не доволно за да глуми локалец. Така, тој му рекол на агентот дека е Ирец и дека се вика Тимоти Џозеф. Рекол дека е професор по англиски јазик и дека го изгубил пасошот. Агентот потоа заминал. Сосетката му рекла на агентот на ФСБ дека „Џозеф“ не е сомнително лице. По ослободувањето украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, објави видео на кое се гледа отстранувањето на прорускиот плакат во селото Билозерки во близина на градот Херсон.