Политичкиот аналитичар Рамадан Рамадани во емисијата „Вин-Вин“ на Телма ТВ анализира дека стратегијата на Мицкоски во врска со користењето на старото или на новото уставно име била излезна, а се почнало „со гафот на претседателката. Во контекст на најавите на мандатарот Христијан Мицкоски дека ќе ја користи придавката „Северна“ при давањето заклетва за новата влада, Рамадани вели дека мандатарот ја проценил ситуацијата која можела да предизвика проблеми со Грција па поради тоа го искажал овој став.
„Тоа беше истраен гаф на претседателката и беше обид да се тестира. Сега мислам дека ова што го прави мандатарот во најава, Христијан Мицкоски, всушност, е излезна стратегија од тоа. Оти се виде дека Грција е премногу блиску, не е некој далечен проблем, дека доаѓа лето и дека може да има реперкусии и по граѓаните и по партиите. И веднаш се сетивме на првиот период, пред решавање на проблемот со Грција оти се покажа дека тоа е голема работа. Едно е инсистирањето на Северна Македонија, како што повторуваа претходните, сосема друго е никогаш да не кажете Северна Македонија, името кое, сакаме или не, е уставно име на Република Македонија“, смета Рамадани.
Покрај ставот дека стратегијата на Мицкоски во најава е излезна по, како што вели, „гафот на претседателката“, според него, покомплицирано ќе биде со евроинтеграцискиот тек што ќе следува.
„Досега имаме најави дека тоа пак ќе биде столбот, значи евроинтегративниот процес, но да биде како претходно, кога евроинтеграциите се споменуваа, а ништо не се работеше во тој аспект. Реформите не се спроведуваа, законите со ЕУ знаменце не беа заради ЕУ, туку беа заради други причини. Македонија е во таа фаза во која тие работи ќе мора да ги направи. Евроинтегративниот процес на Македонија мора веќе политички да се развива и да се работи. Повеќе нема да може да се споменува декларативно, а да не се работи на тој план“, смета Рамадани.
Верувам дека и Христијан Мицкоски и тие кои ја креираат стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, како идна владеачка политичка партија во однос на надворешната политика на Македонија, не се толку наивни да поверуваат дека отворањето на нов фронт со Грција, апсолутно може да ги загрози до краен невиден степен европските интеграции на Македонија, рече Благојче Атанасовски, политички аналитичар, во вечерашното издание на „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Но, доколку е тоа свесна стратегија, мислам дека е свесна стратегија ние да влеземе во еден нов геополитички, евроинтегративен ќорсокак од кој, прашање е дали некокаш децении нанапред, може да излеземе. Во изминатите 33 години, ние никогаш не сме се соочиле со двојно преповторено вето од држави членки на Европската унија. Знаеме колку беше тешко по ставањето на грчкото вето на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и каква робусна меѓународна интервенција требаше да се случи за да може да се тргне тоа грчко дипломатско вето и Македонија да го продолжи својот пат кон европските и евратлантските интеграции“, вели Атанасовски.