„Наша цел е до 2030 година, најмалку 80% од возрасното население да поседува основни дигитални вештини“, рече денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во обраќањето на министерска конференција на Управувачките платформи на Западен Балкан за образование и обука и истражување и иновации, во организација на делегацијата на Европската унија во Македонија.
Во своето обраќање, министерот Андоновски ја истакна важноста на дигиталната трансформација за напредокот на Македонија и регионот. „Денес дигиталните вештини и иновации се клучни за напредокот на нашето општество и економија“, изјавил Андоновски, соопштија денеска од Министерството за дигитална трансформација. Исто така, Андоновски истакна дека оваа Влада се стреми значително да се зголеми бројот на ИКТ професионалци, со посебен фокус на зголемување на учеството на жените во оваа област.