Пред неколку дена возам точак на кеј и гледам некој човек стои на кејот под Камени Мост и мафта со рацете и вика. Носев слушалки, застанав ги тргнав слушалките и човекот нешто ми подава телефон и вика.
- Ај бе дечко да ме сликаш, пола саат тука стојам молам народ но никој не сака да застане да ме слика, сликај ме со зградата на владата да имам слика, јас сум од Гостивар! – ми вика едно симпатично човече на 60 години.
Гледам позади него нема зграда на владата туку зградата на археолошки музеј со оние стубовите огромни. Значи он не знае ни каде е владата, мисли дека ова е владата?! Го земам телефонот, не е ни отклучен не е ни вклучена камерата, он ми верува мене јас да му влегувам во телефон и да барам кај му е камерата за да го сликам. Отклучувам без пасворд, барам кај му е апликацијата за камера, забележувам еден куп непрочитани пораки, не пипам тоа си е негова приватност, но забележувам дека како скрин сејвер му е слика на Али Ахмети.
Го сликам чичето, он целиот радосен дека ќе си иде за Гостивар со слика од владата. Добродушен, мил човек. Ми вика фала многу еден саат тука измрзнав никој не сака да ме слика, му викам нема проблем имај убав ден.
Потоа возам точак на кеј и си викам, колку има вакви наши сограѓани Албанци, обични неуки луѓе, сиромашни селани и работници, од профилот на моите родители на пример, кои во Али Ахмети имаат голема доверба и пиетет и го сметаат за заштитник на своите права, безбедност и место во општеството? Албанците на овие простори со децении биле шуткани лево десно, ставени на маргините, малтретирани, небитни, обесправени и конечно им се појави лик кој прво ги поведе во борба па потоа и почна да го менува македонското општество на подобро кога се во прашање Албанците.
Се прашувам што со ДУИ после ерата на Али Ахмети? ДУИ требаше да го употреби овој период кога ги води таков лик, де-факто албански Гоце Делчев, за да изградат лик на партија која е чесна, вредна, способна, реформаторска и која работи за Албанецот не само национално-етнички да имаат право да се вработат на државно и да го скршат мразот за фуинкционери албанци но и економски и социјално и еколошки, во второто мислам дека ДУИ потфрли и има време да се поправи во годините што се пред нас додека Али Ахмети се уште е бог кој оди меѓу Албанците.