Државната комисија за спречување корупција донесе одлука да иницира постапка до надлежните органи во врска со употреба на буџетски средства за приватни цели на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска. Комисијата потврди дека поранешната министерка незаконски трошела народни пари.
При службено патување во Лондон минатата година, потрошила средства од буџетот на министерството за култура кои не биле трошоци во интерес на патувањето туку за приватни цели. На денешната седница, не беше откриено на што Костадиновска Стојчевска ги потрошила парите, но претходно од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека таа со службената картичка купила куфер, чорапи, играчки. ДКСК најави дека прибраните докази ќе ги испрати до надлежните истражни органи.