Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова смета дека апсолутно нема потреба од предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните наесен доколку Алијанса за Албанците на министерот за здравство Арбен Таравари го напушти актуелното владејачко мнозинство. Според претседателката на државата, оние што сега повикуваат на предвремени парламентарни избори биле најголеми противници за нивно одржување кога имало потреба за тоа.
„Апсолутно не. Јас мислам дека оние што сега повикуваат на предвремени парламентарни избори беа најголемите противници на предвремените избори кога за нив имаше причина“, рече таа денеска одговарајќи на новинарско прашање по денешната свечена академија во МАНУ по повод одбележувањето на 80-годишната од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, чиј покровител беше таа.
Во врска со прашањето за предвремените парламентарни избори, таа даде образложение на својот став и посочи дека нема да зборува како претседателка, туку како професорка.
„Ние велиме дека предвремени избори треба да има тогаш кога се парализирани институциите, не можат да функционираат, кога мнозинството на власта е на границата на потребните 61 (пратеник). Далеку е од тоа. Впрочем помина неполна една година. Да, имаме проблеми, дел од нив наследени, дел од нив нови, меѓутоа јас гледам дека институциите се справуваат со сиве овие проблеми“, рече Сиљановска-Давкова. Од друга страна, таа рече дека локалните избори понекогаш се лакмус кој го отсликува расположението на граѓаните.
„Значи, да, ќе има редовни локални избори. Локалните избори го отсликуваат расположението на граѓаните, понекогаш се лакмус за тестирање на успешноста на власта, но апсолутно нема потреба од парламентарни избори“, повтори претседателката на државата.