Скопската градоначалничка Данела Арсовска ниту ги потврди ниту ги демантираше наводите во медиумите дека ќе се формира политичка партија.
Прашана да коментира наводна изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти на неа и на експремиерот Никола Груевски им посакал среќа „што и да прават“, алудирајќи на политичката партија за која медиумите пишуваа дека ќе ја формира скопската градоначалничка, Арсовска рече дека ѝ е мило што Мицкоски се занимава со неа и на тој начин и го подобрува рејтингот.
„Многу ми е мило што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се занимава со мене во изминатите две години и му посакувам да продолжи така, бидејќи сакајќи да си го подигне својот рејтинг, очигледно работи да го подобри и мојот“,рече скопската градоначалничка.
На прашањето дали од неа може да се очекува вклучување во одредена политичка партија, градоначалничката не одговори конкретно. Рече дека во овој момент е посветена на она што треба да го реализира во Градот Скопје, а доколку има поинакви одлуки за тоа соодветно ќе информира
Прашана дали смета дека би му претставувала закана на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ доколку има амбиција да основа партија и одлучи да настапи на следните парламентарни избори, Арсовска одговори:„Лично сметам дека штом се плаши, сигурно има зошто“.
Во меѓувреме, од ВМРО-ДПМНЕ експресно реагираа на нејзината изјава.
„Арсовска е толку неспособна што и за формирање на партија, како што пренесоа медиумите ѝ требаат по 600 денари за собирање на потписи. Јасно ни е зошто ОЈО молчи за тоа, исто како што ни е јасно каква употребна вредност гледа власта во нејзе. Наместо да ‘бистри’ политика нека ги засука ракавите и нека реализира барем еден проект кој го ветуваше пред скопјани. Со секој поминат ден, се повеќе таа ја оправдува одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за прекин и повлекување на поддршката која ја имаше. Сега таа припаѓа на политиките и криминалниот склоп на СДС, ДУИ и Левица“,порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.Неделникот „Фокус“ неодамна објави дека скопската градоначалничка почнува да собира потписи за формирање политичка партија, а оти седиштето на партијата ќе биде на улица „Ѓорче Петров“ бр. 49 во Општина Ѓорче Петров.