Нели ѝ е срам на бугарската разузнавачка служба што мала Македонија со своите служби дозна дека рускиот свештеник кој живее во Софија и служи во Руската црква се занимава со разузнавање во Македонија и го протерале од таму, а тој живее во Бугарија во удобност, изјави за БНТ генералот Атанас Атанасов, претседател на Демократи за силна Бугарија (ДСБ) и копретседател на парламентарната група на владејачките Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија (ПП-ДБ).
Тој во емисијата „Зборувај сега“ на БНТ изјави дека на безбедносниот сектор во Бугарија му е потребна многу сериозна реформа и создавање обединета разузнавачка служба.
„Исклучително е важно да се промени начинот на кој работи оваа служба ДАНС. Мислам дека ефективноста е на многу ниско критично ниво. Не сум задоволен од работата на бугарското контраразузнавање по руски линии, особено по почетокот на војната. Целта е да се создаде обединета разузнавачка агенција. Од едно место треба да се управува оваа функција на државата, но да се зачува внатрешната автономија на военото разузнавање и на таканареченото политичко разузнавање, односно да се зачуваат воените чинови”,рече Атанасов.
Тој даде пример дека пред ден-два, Северна Македонија протерала тројца руски дипломати и еден руски свештеник. Свештеникот е поглавар на Московската патријаршија во Софија, рече Атанасов и прецизираше дека презимето на протераниот свештеник е Змеев. Тој додаде дека дотичниот свештеник одел во Северна Македонија за да ги извршува функциите на руското разузнавање со цел да дојде до раскол во македонската црква.
„Северна Македонија протера тројца руски дипломати и еден руски свештеник. Зачуден сум што 48 часа после тоа нема информација во Бугарија. Станува збор за свештеник за претставник на Московската патријаршија во Софија. Васијан Змеев живее овде и работи во Руската црква. Тој отиде во Северна Македонија да ги извршува функциите на руското разузнавање со цел да се обиде да донесе раскол во македонската црква. Мала Македонија со своите служби дозна дека рускиот свештеник кој живее во Софија и служи во Руската црква се занимава со разузнавање во Македонија и го протерале од таму, а тој живеел пет години во Бугарија. Го прашувам бугарското контраразузнавање – имаат ли срам што тој што живее овде и развива разузнавачки активности во Бугарија е избркан од Македонија, а тој живее овде во удобност“,рече Атанасов.
Тој додаде и дека „сите во ДАНС знаат дека овој свештеник овде е претставник на руското разузнавање во наметка“.
Порталот Алмакос, повикувајќи се на добро информирани извори во македонското Министерство за надворешни работи, пред два дена, ги објави имињата на тројцата руски дипломати, кои како што објави амбасадата и Министерството за надворешни работи на Русија, се прогласени за непожелни во земјава. Според порталот, тие ќе бидат протерани од државата поради несоодветни дипломатски дејствија.
Во меѓувреме порталот „Религија.мк“ објави дека покрај тројцата руски дипломати, забрана за влез во земјава добил и руски архимандрит. Според порталот, станува збор за шефот на руското црковно предворје во Софија Васијан Змеев кој изминатава година имал интензивни посети на земјава и средби со претставници на МПЦ-ОА.
Тој ја имал улогата на координатор на руските црковни политики на Балканот, со оосбено влијание во Бугарија и во С Македонија.
Според неофицијални информации на порталот, негова заслуга бил застојот во односите со Вселенската патријаршија за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
Инаку, неодамна, претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју обелодени дека македонските служби имаат информации од партнерите во НАТО дека има налепени руски елементи и тоа во највисокото раководство на Синодот кои соработуваат со руските служби.
„Во највисокото раководство на Синодот, не мислам на поглаварот. Јас знам и тоа сум им го кажувал на највисоките црковни достојници. Се базирам на извештаите на органите кои се бават со таа работа. Не само на Агенцијата за разузнавање, членка сме на НАТО, од 30 други земји, од 30 други служби добивам информации бидејќи сме дел од тој заеднички систем за споделување на информацииод разузнавачки и безбедносен карактер. Ние немаме таква сила од тука во Скопје да знаеме што се случува во Кремљ, меѓутоа во тоа партнерство ни помагаат доста и имаме доволно информации што се случува“,рече Пендаровски кон крајот на јуни во интервју за ТВ 24.