Денес во Кавадарци започнува традиционалната манифестација Тиквешки Гроздобер, која ќе трае до недела и која редовно носи десетици илјади посетители во градот.
Секоја година, покрај бројните музички гости од земјава, како главни забавувачи доаѓаат и регионални музички ѕвезди, а овојпат голем концерт ќе одржи Ацо Пејовиќ.
Неговиот настап е закажан за крај на манифестацијата, во недела, на осми септември, а од организацијата откриваат дека музичарот доаѓа во Кавадарци со екипа од 30 члена.
Појаснуваат дека за концертот на Пејовиќ за првпат во Македонија ќе се употреби специфичен аудио систем, за потребите на Тиквешки Гроздобер, како и бројни светлосни ефекти на видео ѕид со површина од 60 метри квадратни.Или, како што појаснуваат од организацијата, Ацо ќе пее во Кавадарци, ама ќе се слуша до Неготино, поради современиот аудио систем кој е новитет на нашите простори.
Покрај Пејовиќ, од регионалните музичари во Кавадарци доаѓаат и Реља, кој ќе настапи вечерва, како и Милица Павловиќ, која ќе пее утре, во сабота.
Од домашните пејачи на големата сцена на плоштадот ќе се појават Лара, Пајак, Огнен Здравковски, Барбара Поповиќ и други, а пак локални бендови ќе настапуваат на малата сцена во Парк на револуцијата.Во изминатите години главни музички ѕвезди на гроздоберот беа Цеца, Здравко Чолиќ, Горан Бреговиќ, Лепа Брена…
Хонорарите на музичарите се обезбедени од спонзори и годинава се во износ од околу пет милиони денари. Од општинскиот буџет се одвоени 6,5 милиони денари за манифестацијата, кои првенствено се наменети за потребите на традиционалниот карневал.