Учеснички на обуките од програмата ,,Girl’s power” на СИГА вчера вечерта организираа јавна трибина во основното училиште ,,Гоце Делчев” во Виница на тема ,,Безбедноста на учениците надвор од училишните згради”. Акцент на настанот беше ставен на опасноста од големиот број на улични кучиња кои се наоѓаат во близина на ова училиште каде секојдневно се движат неколку стотина ученици, на патот од нивните домови до училиштетето и назад.
На настанот беа присутни родители, наставници, директорката на училиштето, претставници од локална самоуправа, претставници од ветеринарна станица во Виница, кои ги споделија своите ставови и искуства во врска со уличните кучиња. Заклучок од нивните дискусии беше дека се плашат да ги пуштаат своите деца на училиште сами, поради стравот дека тие ќе бидат нападнати од големиот број на кучиња, и дека општината Виница, итно мора да најде хумано решение за големиот број улични кучиња на таа локација, како и во целата општина.
Специјална гостинка на трибината беше директорката на ЈП ЛАЈКА – Скопје, г-ѓа Радмила Пешева, која ги сподели нејзиноте искуства со хуманиот третман на уличните кучиња во Скопје. Според неа покрај изградба на општински стационар, потребно е да се примени хуман третман на улучните кучиња (залови, стерилизирај и врати на улица) кој се применува и во Скопје. Таа нагласи за да тој пристап даде резултати, мора да се запрат каналите на достава на нови улични кучиња, кои ги ослободуваат неодговорните сопственици како и практиките на незаконско донесување на улични кучиња со камиони од други општини. Од сите можни извори потребно е да се обезбедат средства за создавање на инфраструктура, но и да се вложува во информативни кампањи и едукација на сите категории на население за однесувањето кон уличните кучиња, што значи да се чуваат домашни миленици и која е одговорноста на секое домаќинство.
Беше предложено општината во договор со ветеринарната станица со давање ваучери, да овозможи стерилизација на кучињата. Дополнително, потребно е да се вклучат и останатите надлежни како што се инспекторот за животна средина, инспекторот за ветеринарство како и агенцијата за храна и ветеринарство како и локалниот совет за превенција.
Оваа активност беше дел од проектот на СИГА ,,Girls’ Leadership Initiative for Community Empowerment” кој е поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, како дел од регионалниот проект ,,Социјално вклучување на ранливите групи на Западен Балкан”.