Сите членови од исто семејство, во рок од една година пријавиле дека ги каснало куче во различни пригоди, барале и добиле отштета. Ист човек двапати пријавувал дека го напаѓало бездомно куче и добил пари. Обесштетени биле повредени за кои докторите не биле сигурни дека се каснати. Лекарите, наместо шифрата за напад од куче, во медицинската потврда им впишува шифра што означува само потреба за имунизација. Ова се сомнежите на луѓето што професионално се занимавале со тематикава, поранешни градоначалници и адвокати што ги застапувале институциите.
„Не можам со сигурност да кажам дека се лажни, меѓутоа според искуството, меѓу 20 и 25 проценти од пријавите се сомнителни“, вели за БИРН, скопскиот адвокат Јанаки Митровски, кој речиси една година го застапуваше стационарот „Лајка“ пред скопскиот суд. „Лајка“ и Град Скопје солидарно ги обесштетуваат каснатите. Во главниот град, годишно меѓу 500 и 600 граѓани пријавуваат дека ги повредило куче, а речиси сите наплаќаат отштета – и сомнителните пријавувачи и тие што навистина биле нападнати.
„Дали пет проценти од тужбите ги бутавме на суд“, вели адвокатот. Покрај сомнителните пријави, проблем е што често никој не се обидува да го идентификува кучето-напаѓач. Така, од една страна, Градот и „Лајка“ плаќале и плаќаат отштети и за напади од кучиња со сопственици, за кои тие не се одговорни, а, од друга страна, потенцијално опасните кучиња остануваат на улица. „На едно рочиште, нападнатиот призна дека не видел какво куче го каснало, не бил сигурен дека е бездомно, меѓутоа судијата не го интересираше тоа. Пак додели отштета, судат по шаблон. Во еден момент престанавме и да вештачиме, не сакавме за џабе да трошиме пари“, вели правниот застапник Митровски. Активистите за заштита на животните, праксата секогаш да се тужи Градот за каснување од куче, често ја споредуваат со потенцијална апсурдна ситуација во сообраќајот.