По овластување на јавен обвинител, бил извршен увид на гробиштата во с.Смојмирово и на удолницата на јужната страна биле пронајдени пет коски кои наликувале на коски од човек, информира МВР. Во ОВР Берово, пред два дена било пријавено дека на место „Црвени брегови“, во атар на Берово, бил забележан лиценциран извршител за погребални услуги во општина Берово како на градежна депонија фрла и закопува остатоци од починати лица, извадени од градските гробишта во Берово, информира Министерството за внатрешни работи (МВР). „Веднаш по добиената пријава, во консултација со јавен обвинител и во содејство со ракувач со работна машина багер од јавното претпријатие за комунални работи во Берово, било извршено пребарување на посоченото место и на пошироката околина, но не биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривично дело, туку биле пронајдени само остатоци од градежен шут и остатоци од отпад.
По дополнително преземени мерки и по извршени разговори во ОВР Берово било дојдено до сознание дека лиценцираниот извршител на погребални услуги во повеќе наврати вршел ископување на стари гробови и ги фрлал остатоците од починатите лица на друга локација“, наведено е во соопштението на МВР. Во него се додава дека подоцна, по овластување на јавен обвинител, бил извршен увид на гробиштата во с.Смојмирово и на удолницата на јужната страна биле пронајдени пет коски кои наликувале на коски од човек. „По целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава“, пишува во соопштението. Извор: Новинска агенција МЕТА