„Ние нема да прифатиме ниту една ординација ниту за преоден период, ниту за 24 месеци, ниту за две минути да функционира без медицинска сестра“ истакна денеска сестра Гордана Бешлиоска, претседател на Унијата на ЗМАСТАС предводена од Здружението „За нас“ за одлуката со која во следните 24 месеци на лекари во мали места ќе им биде дозволено да продолжат да работат без медицински сестри.– Медицинските сестри не смеат како професија на ваков лесен начин да бидат нерешени. Имате можност да го распишете конкурсот и да ги вработите како дел од јавниот здравствен систем.
Се работи за осум ординации. Ако се работи за пациенти кои се помалку од две илјади, тоа се можеби над 8 илјади корисници на здравствени услуги во тој дел. Има начини и решенија со кои може на медицинските сестри достоинството да им биде задржано како што треба. Сметаме дека ова е непристоен предлог од Здружението на приватните лекари кој е атак на целокупната сестринска професија и на целокупниот здравствен систем, рече Бешлиоска.Таа потенцира дека разочарувачки е ставот на Здружението на приватните лекари од кој добиле впечаток дека, како што рече, медицинските сестри ги доживуваат како трошок.
– Она што е многу разочарувачки е ставот на приватните лекари, односно на Здружението на приватните лекари каде добивме впечаток дека медицинските сестри ги доживуваат како трошок. Медицинските сестри не се трошок. Медицинските сестри се инвестиции и во нив треба да се инвестира , бидејќи инвестицијата во нив е инвестиција во здрава нација. Медицинските сестри не се пиши-бриши и не се само бројки. Пристапот не смее да биде таков – дека сме имале конкурси на кои не се пријавиле и да не бараме дополнителни други решенија, рече таа.Бешлиоска информира дека разговарале со директорот на Фондот за здравствено осигурување и очекува да бидат повикани на средба наредната недела и потоа да го кажат својот став што ќе се одлучи на таа средба.
– Ние разговаравме со директорот на Фондот за здравствено осигурување. Тој апсолутно ја прифати нашата реакција и рече дека врз основа на неговите можности, на неговата агенда во текот на наредната недела по нашето побарување кое ние го испративме ќе обезбеди можност и термин за Унијата и здруженијата да се видиме и да ги понудиме нашите решенија за овие состојби за кои што тој пренесе дека се исклучително осетливи затоа што во овие рурални средини наводно на повеќе распишаните конкурси немало појавување на медицински сестри.
Меѓутоа, ние имаме решенија да ги понудиме од типот дека постојат разни услови и налини на кои тие конкурси можат да се обноват, па овие пациенти да не ги оставиме во овие средини без медицинските сестри кои фундаменталното ниво во професијата за испорака им е нормално напредување на здравјето, спречување на болестите, превенцијата и тоа е она кое што не смееме ние во превенирање на болестите да ги оставиме медицинските сестри. Впрочем, ние имаме искуство и од регионот и од Европа – рече таа.