Во голема операција, 36 баратели на азил во Германија од Србија и Северна Македонија кои се одбиени се качени во авион во Хамбург, а потоа пратени назад во своите земји, пишува германски Билд. Според информациите на Билд, авион на полската чартер-компанија „Ентер ер“ полетал со дестинации Белград (Србија) и Скопје (Северна Македонија). Во авионот имало главно Срби и Косовци, вклучително и криминалци. Леталото било резервирано од државата Шлезвиг-Холштајн.
Северна Македонија и Србија се меѓу земјите во кои Германија во моментов најчесто депортира. Во првиот квартал во овие две држави биле вратени 795 лица. Очигледно федералната германска влада е сериозна во однос на својот план да биде поригорозна кога станува збор за депортации. На крајот на август, авион со 28 криминалци полета за Кабул за прв пат откако талибанците дојдоа на власт во Авганистан. Во Хамбург исто така има напредок кон целта со значително зголемување на бројот на депортации.
За 30 отсто е зголемен бројот на протерувања во првата половина од годинава. Во првите шест месеци од 2024 година депортирани се вкупно 841 лице, наспроти 645 лица во истиот период лани. Германија до неодамна вршеше проверки на границите со Полска, Австрија, Чешка и Швајцарија. Германските власти вратиле околу 30.000 луѓе без валидни документи на границите на споменатите земји од октомври минатата година, според германското Министерство за внатрешни работи.
Меѓутоа, минатата недела владата на Шолц објави дека овие контроли ќе се прошират на границите со Франција, Луксембург, Холандија, Белгија и Данска. Во однос на спроведувањето на имигрантските мерки, федералната полиција почна да врши проверки на сите копнени граници на државата. Проверките на границите се дозволени само во посебни ситуации (на пр. Европско фудбалско првенство). Владата во Берлин новите контроли што од вчера ги спроведува на своите граници ги оправдува со аргументот дека нерегулираната имиграција наскоро ќе стане ноќна мора во земјата.