Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН (МААЕ) ги повика двете страни да покажат воздржаност со оглед на близината на конфликтот до електрана која се наоѓа на 60 километри од границата.Руски дипломати во Виена ѝ рекоа на МААЕ дека се пронајдени делови, веројатно од соборени проектили, иако нема докази за напад на станицата. Украинските сили ја пробија границата во вторникот во напад што ја изненади руската војска по неколкумесечниот постепен напредок на руските сили во источна Украина.
Руските политичари и војската зборуваат за украинска „инвазија“, речиси две и пол години откако Русија започна своја целосна инвазија на својот сосед. Рано утринава руските новински агенции објавија дека Националниот антитерористички комитет вовел антитерористички мерки во областа Курск и во блиските региони Брјанск и Белгород. Во соопштението за печатот се наведува дека одлуката, донесена од Александар Бортников, шеф на разузнавачката служба ФСБ, е одговор на „невидениот обид на Украина да ја дестабилизира ситуацијата во голем број региони“.Новинската агенција РИА соопшти дека мерките вклучуваат можно раселување на жителите, ограничувања во сообраќајот, зголемена безбедност околу чувствителните области и прислушување на комуникациите.
Два дена откако началникот на Генералштабот Валери Герасимов го информираше претседателот Владимир Путин дека напредувањето е запрено, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили „продолжуваат да одбиваат обид за инвазија на вооружените сили на Украина“. Новинската агенција Интерфакс ја пренесе изјавата на министерството дека Русија испраќа засилување со повеќецевни ракетни системи „Град“, артилерија и тенкови.
Украинците го контролираат Суджи?
Украинската снимка наводно покажува дека украинските сили контролираат мерна станица за гас управувана од рускиот концерн Газпром во градот Суджи. „Градот е контролиран од вооружените сили на Украина, градот е мирен, сите згради се недопрени“, вели војникот во видеото, додавајќи дека „стратешкиот објект на Газпром“ е под контрола на украинскиот баталјон.Ројтерс не можеше да го потврди ова видео, а Генералштабот на украинската армија засега не го коментираше видеото.
Претседателот Володимир Зеленски засега молчи за операцијата, иако пред два дена даде некои навестувања , без да го спомене Курск. Тој ја пофали способноста на неговата армија да „изненади“. А во ноќното видео обраќање им се заблагодари на воените единици кои ги заробија руските војници, за да ги искористи во подоцнежните преговори. „Ова е исклучително важно и е особено ефикасно во последните три дена“, рече тој.
Украинскиот канал на Телеграм кој го публилуваше видеото од уништените руски камиони објави дека тие биле погодени од ракетниот систем ХИМАРС испорачан од САД. Руските воени блогери исто обвинија дека со американскиот ракетен систем ХИМАРС се напаѓа руска територија.. Ројтерс не можеше да утврди како биле уништени возилата.
Соединетите Американски Држави најавија нов пакет помош од 125 милиони долари за Украина, вклучувајќи ракети Стингер, артилериска муниција и системи за противоклопување. Зеленски рече дека пакетот е „витален за нашите сили во спротивставувањето на руските напади“.
Напредување на руска територија
Руското Министерство за одбрана објави своја снимка на која, како што вели, се гледа како дрон уништува украински тенк и хаубица во близина на Суджа. Министерството објави дека во претходните 24 часа руските трупи, воздушни напади и артилерија „потиснале обиди за напад на непријателски единици длабоко во руска територија во правец на Курск“.
Се наведува дека Украина изгубила вкупно 945 војници и 102 оклопни возила, додека руските загуби не се споменуваат. Ројтерс не можеше да ги потврди тие пресметки. Герасимов во средата рече дека до 1.000 војници учествувале во украинскиот напад.Институтот за проучување на војната во извештајот вечерва соопшти дека геолокациските слики и руските пресметки покажале дека украинските сили „продолжиле брзо да напредуваат“. Имаше непотврдени извештаи од руски извори за Украинци дури 35 километри од границата.