Браната на реката Отиња ќе ја завршиме до 2026 година, нешто што многу влади ветуваа, ние ќе ја изградиме. Владата издвои дополнителни 2 милиони евра за нејзината доизградба, изјави министерот за транспорт Александар Николоски, за време на денешната посета на општина Штип. Тој информира дека вчера е распишан тендер за доизградба на браната, а до крајот на месецот треба да биде избран изведувач на работите.
-Тоа конечно значи завршување на овој ветуван проект. Определивме 2 милиони евра дополнително за завршување на браната, очекувам крајот на овој месец да имаме избран изведувач. Вкупната вредност ќе оди некаде 8 милиони евра. Можам да ветам дека до крај на 2026 година ќе биде завршено езерото, а веќе 2027 година во летната сезона да се користи – рече Николоски. Според него, изградба на браната ќе има значење не само за Штип туку и за целиот регион бидејќи ќе служи за наводнување и за рекреација на граѓаните од Источна Македонија.
– Она што е Мавровското Езеро за Западна Македонија, браната на Отињa ќе стане за Источна Македонија. Ова е проект којшто многу влади го ветувале, еве конечно со тендерот што вчера го распишавме ќе го завршиме – рече Николоски. Тој информира дека во инфраструктурни објекти во Штип само оваа година се инвестирани 12, 5 милион евра. Николоски беше на увид во реконструкција на локалните улици Христијан Тодоровски Карпош и АСНОМ во Штип кои се реализираат преку Министерството за транспорт.