Тоа се потемкинови села зад кои нема ништо, вели економистот кој живее и работи во Виена за „Слободен печат“
Фалењето дека Македонија е на четврто место во Европа по економски развој е чист пи-ар и нема врска со реалност, оценува Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ние сме четврта економија во ЕУ, Јовановиќ за „Слободен печат“ коментира дека ако сме толку добри, луѓето тоа ќе го почувствуваат, ама, како што вели, „не верувам дека го чувствуваат“.
– Не сме толку добри. Раст од 3 проценти не е никаков фантастичен раст, ништо посебно, не може да се почувствува бидејќи е премалку. За да се почувствува, треба повисок раст и на подолг временски период, односно со години раст од над 4,5 проценти, а не само еден квартал. Сето ова сега е премногу фалење односно пи-ар и нема врска со реалноста – ни изјави Јовановиќ.
Освен тоа, според него, не е точно дека Македонија е четврта зашто многу земји немаат објавено податоци. Сите земји од нашиот регион што имаат повисок раст сè уште не ги објавиле податоците.
– Само десет земји имаа објавено податоци и премиерот вели од тие десет ние сме четврти. Како ќе излегуваат нови податоци, така ќе паѓаме, веќе не сме ни четврти. Во извештајот на Евростат веќе четири земји имаат повисок раст од Македонија, а три други имаат ист раст како Македонија. Така што не сме ни четврти, туку веќе сме на седмо место – додава Јовановиќ.
Во прилог на тврдењето дека луѓето не го чувствуваат она што го говори премиерот, тој ги наведува и податоците за БДП по жител, според куповната моќ, на земјите во регионот. Според тие податоци, македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, албанскиот е 43%, Србија има 51%, а Црна Гора 53%, па тука нема ништо за радување. Токму затоа му порачува на премиерот да излезе на улица и да им каже на луѓето дека сме четврта економија во Европа, „па да видиме како ќе реагираат“.
Другата порака е наместо да пласира вакви полувистини, премиерот да се зафати со работа и да почне да ги реализира проектите што толку бомбастично ги најавуваше.
– Од унгарската милијарда ништо не видовме, државните капитални инвестиции никогаш не се реализирале послабо, автопатот кон Охрид стои, за железницата што најавуваат дека ќе ја градат со британскиот заем, не знаеме ни дали има проект – вели Јовановиќ.
Што се однесува до британскиот заем, неговиот став е дека тие шест милијарди може многу да ни помогнат, но процената е дека ни тоа нема да се реализира, бидејќи нема капацитет.
– Се фалеа со унгарска милијарда, помина година откако го зедоа, но ништо не се реализираше. Така ќе биде и со британските милијарди, зборуваат, зборуваат, а на крај ништо нема да се реализира. Инаку можат да помогнат, на пример железница да се изгради, Чебрен да се изгради. Тоа ќе биде добро, ама нема да се направи, овие проекти се зборуваат со децении – оценува Јовановиќ.
Притоа, тој потсетува дека „Мицкоски не е прв што зборува. И Заев велеше 6 милијарди, а пред него Груевски. Сите се фалат со милијарди, ги вртат истите проекти, железницата 30 години, Чебрен 20 години“. Но, не се надева дека нешто од ова ќе се реализира.
– Премногу се фалат, излегуваат со такви вести – милијарда од Унгарија, пет од Велика Британија, четврти во Европа по економски раст, а всушност ништо од тоа. Тоа се празни флоскули, паравани, потемкинови села зад кои нема ништо. Само фалби – вели Јовановиќ.Од македонската Влада пред неколку денови соопштија дека промените во земјата се случуваат и тоа станува сè повидливо и појасно. Македонската економија доживува ренесанса. Македонија е меѓу петте земји со најбрзорастечки економии во Европа. Растот на БДП е 3,4 проценти за првото тримесечје за 2025 година, во согласност со прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика. Премиерот дообјасни дека „со тоа, практично на досега објавените параметри што ги објавил Евростат, македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш зад Ирска, Данска и Полска“.