Судот, наместо да го штити Уставот на државата, кој пропишува дека Македонија е социјална држава, заснована на социјалната правда и солидарноста, се стави во улога на заштитник на крупниот капитал. Реши да им додели 50 милиони евра на најголемите компании во државата. Истите оние компании кои за време на инфлацијата од 2022 остварија милионски профити, додека стотици илјади луѓе во државата тонеа во сиромаштија. Аргументите на Претседателот на судот се толку плитки, што дури и не вреди да се коментираат. Не може да стане збор за никаква ретроактивност, затоа што Данокот за солидарност не се однесува на минатото, туку се однесува на тековната година, само како основа за негово плаќање се земаат финансиските резултати од минатата година, што е нормална пракса кога се даноците во прашање. Не може да се зборува ни за никаква правна несигурност, затоа што државата има право да носи нови регулативи и закони.
По таа логика, правна несигурност би било и ако државата пропише дека сите фабрики што загадуваат треба да стават филтри на оџаците. Впрочем, сите членки на Европската унија воведоа вакви даноци и во ниедна од нив данокот не падна, само нашите „генијалци“ знаат најдобро. Затоа Претседателот на судот воопшто и не се осврна на овие работи кога ја образложуваше одлуката, туку зборуваше за странските инвестиции и за тоа дека фирмите мора да остваруваат профити. За да биде јасно за кого работи и тој, и Уставниот суд, и целиот правосуден систем во државата. Ништо од ова не треба никого да изненадува, затоа што Македонија отсекогаш била држава која функционирала само за богатите. Од транзицијата, преку конфликтот во 2001, преку „стиропор“ патритизмот, па сѐ до флагрантното поставување и менување министри за време на претходната влада. Кога можеа сѐ тоа, зошто да не можат да бутнат еден закон? Единственото што чуди е како Уставот државата сѐ уште ја дефинира како социјална? Затоа, јавно замолувам, кога ќе го менувате во следна прилика, да ги смените и тие одредби и јасно да ставите дека – Македонија е олигархија.