Предложените измени на бугарското Министерство за туризам во Законот за туризам ширум ги отвораат вратите на сивиот сектор, создаваат можност да се доведат потрошувачите во заблуда, да се наруши пазарот и да се стават во неповолна положба туроператорите кои организираат туристички патувања. Ова го соопштија три од организациите во индустријата – здружението „Иднина на туризмот“ (ОБТ), Бугарската асоцијација на туристички агенции (БАТА) и здружението „Туризам“ по повод законските измени објавени на јавна расправа од страна на Министерство за туризам, пишува „Сега.бгњус“. Тие се незадоволни од предложените законските измени кои предвидуваат создавање на Туристички гарантен фонд за покривање на загубите на клиентите на туроператорите во стечај. Но, со предлог-законот се воведува ново правно лице – туроператор Б, кој не работи со крајните клиенти, туку продава на други туроператори и затоа нема обврска да дава придонеси во новиот гарантен фонд.
Токму тоа предизвика незадоволство кај обичните туроператори кои организираат туристички аранжмани и ги продаваат на крајните клиенти. Новото правно лице, иако не е организатор на туристички пакети, се нарекува „туроператор“ и тоа создава услови потрошувачот да биде доведен во заблуда“, коментира адвокатот Марија Крастева.
Индустријата е исто така незадоволна што опцијата предложена од Министерството нема суштински барања за туроператорот Б, како што се канцеларија, персонал, образовни квалификации, одговорност за даночни цели. Од Министерството за туризам ни одговорија дека ќе бидат разгледани сите мислења и забелешки добиени при јавната расправа за законските измени.