Научниците открија резервоар со течна вода на Марс – длабоко во карпестата надворешна кора на планетата, јавува Би-би-си. Новото истражување на Марс покажува дека под површината на Црвената планета има доволно вода за да се наполни цел океан. Ова откритие доаѓа од новата анализа на податоците од сондата Марс „ИнСајт“ (Mars InSight) на НАСА, која слета на Црвената планета во 2018 година. Сондата носела сеизмограф кој ги забележал четиригодишните вибрации – земјотреси од длабочините на Марс. Со анализа на тие земјотреси, точно како што се движи планетата, тие откриле „сеизмички сигнали“ на проточна вода. Иако има замрзната вода на половите на Марс и докази за пареа во атмосферата, ова е првпат на планетата да се најде проточна вода.
Наодите беа објавени во списанието „Просидингс оф нешенел академи оф саенсис“ (Proceedings of the National Academy of Sciences). Научната мисија на „ИнСајт“ заврши во декември 2022 година, откако „пулсот на Марс“ го слушаше четири години. За тоа време сондата забележала повеќе од 1.319 земјотреси. Со мерењето на брзината на движење на сеизмичките бранови, научниците утврдија низ кој материјал најверојатно се движат.
– Тоа се всушност истите техники што ги користиме за да бараме вода на Земјата или да бараме нафта и гас – објаснил професорот Мајкл Манга од Универзитетот Калифорнија во Беркли, кој учествувал во истражувањето.
Анализата открила резервоари со вода на длабочини од околу 10 до 20 километри во кората на Марс.
– Разбирањето на водениот циклус на Марс е клучно за разбирањето на еволуцијата на климата, површината и внатрешноста – рекол водачот на истражувањето д-р Вашан Рајт од Океанографскиот институт во Сан Диего.
Професорот Манга додал дека водата е „најважната молекула во обликувањето на еволуцијата на планетата“. Ова откритие, рекол тој, одговара на големото прашање „Каде исчезна целата вода од Марс?“.
Истражувањето на површината на Марс покажува дека во дамнешно време на планетата постоеле реки и езера. Но, веќе три милијарди години, тоа е пустина. Дел од таа вода исчезнал во вселената кога Марс ја загуби атмосферата. Но, рекол професорот Манга, овде на Земјата, „голем дел од нашата вода е под земја и нема причина тоа да не биде случај и на Марс“.
Сондата „ИнСајт“ можела да снима само директно од кората под своите нозе, но истражувачите очекуваат дека има слични резервоари низ планетата.
Меѓутоа, истакнуваат тие, локацијата на таа подземна вода не е добра вест за милијардерите кои планираат да го колонизираат Марс.
– Таа е заробена на 10-20 километри длабоко во кората. Дупчењето дупка длабока 10 километри на Марс – дури и за Илон Маск – би било тешко – изјавил Манга за Би-би-си њус.
Откритието може да укаже и на друга цел во потрагата по докази за живот на Марс.
– Без проточна вода немате живот. Затоа, ако на Марс постојат услови за живот, тие би можеле да бидат длабоко под земја – порачал професорот Манга.