Иако поминаа два месеци од почетокот на учебната година, на учениците во тетовските училишта сè уште им недостигаат илјадници книги. За ваквата состојба министерката за образование Весна Јаневска ги обвинува директорите на училиштата што не ги пријавиле оштетените книги и вели дека поради оваа причина тие се заглавени во планирање. Во меѓувреме, од општина Тетово велат дека следната недела се очекува средба со министерството за да се реши овој проблем, пишува Порталб.мк.
Поради недостигот на книги родителите се принудени да ги фотокопираат, што е дополнително оптоварување на нивниот буџет. Учениците од основните училишта уште од септември за Порталб.мк кажаа дека им недостигаат книги по разни предмети. За овој проблем министерката за образование, Весна Јаневска, ги обвинува локалните власти, бидејќи како што вели таа, не ги пријавиле оштетените текстови и дека тоа се одразило на планирањето.
„Ова е едно големо недоразбирање. Министерството не може да знае колку учебници се потребни, ако училиштата не дадат број. Ако внимателно ги следите изјавите на вработените во Општината, претпоставувам одговорните за образованието, самите велат дека ги поштедиле родителите. Законот предвидува доколку текстот е оштетен, родителот мора да плати одредена сума за реставрација на текстот од 10 до 70%, во зависност од направената штета. Родителите се поштедени од непознати причини, мора да си кажат зошто не ги пријавиле оштетените текстови“, рече Јаневска. Но, Порталб.мк веќе е запознаен за овој проблем и се заинтересираа за зошто не ги печатат книгите што недостасуваат, но од МОН молчат.
Родителите никогаш не биле казнети
Директорката на ОУ „Кирил и Методиј“ во Тетово, каде недостасуваат многу книги, Сихана Каба Касами, посочува дека иако Министерството за образование и наука има документи и цени за сите оштетени книги во зависност од степенот на оштетување, во последните 10 години никој не побарал одговорност од родителите за овие книги.
„Учениците се снаоѓаат како знаат и умеат. Сме добиле и по некоја нова книга, а старите се оставени во заборав. Така е оваа работа, но мора да се стави крај и да се информираат родителите дека оштетената книга мора да се плати. Искрено, никој до сега не одговарал за ова и сите постапиле исто“, рече Каба Касами.
Таа додаде дека годинава се ажурирани податоците за книгите и ценовникот за истите.
„Се надеваме дека ќе се придржуваме до овој закон. Друг проблем се родителите, тие знаат дека книгите се бесплатни, но забораваат дека истите книги мора да се сочуваат и да не се оштетуваат за да можат да се користат од следните генерации. Кога им кажуваме дека треба да ги платат, веднаш ја политизираат работата“, нагласи директорката.
Од општина Тетово за Порталб.мк потврдуваат дека е точно дека директорите на основните и средните училишта не побарале компензација од родителите за оштетените учебници.
„Па, нелогично е да не се оштетуваат книги кои се користат од пет генерации, како што предвидува сегашниот закон. Откако ќе се снабдиме со потребните текстови, раководните лица на училиштата земаат обврска да ги известат родителите дека мора да платат за секоја штета направена на книгите“, велат од општина Тетово.
Од општина Тетово соопштија дека следната недела очекуваат средба со Министерството за образование и наука за решавање на проблемот.
Проблемот со книгите со години не се решава. Изминатиот период во Тетово имаше протести на учениците поради недостигот на книги.