На 13 февруари годинава бил објавен последниот оглас за продажба на конфискуван имот од страна на Агенцијата за управување со одземен имот. Тогаш за продажба биле огласени седум возила, но потоа, веќе девет месеци, не е понуден ниту еден друг подвижен или недвижен имот.
Една од причините се изборите кои се оддржаа во април и мај, кога продажбата на одземениот имот мора да запре, а сега како што ни појасни директорката Ирена Илиевска, се чекало именувањето на членови на Управниот одбор. -Членовите беа именувани на владината седница на 29 октомври, по што продажбата би требало да продолжи во декември. Во меѓувреме се правеше проценка на конфискуваниот имот, ни одговори Илиевска.
За продажба „чека“ и поголемиот дел од имотот кој беше конфискуван од екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, но и целиот имот кој беше одземен од поранешниот премиер Никола Груевски. Од Агенцијата се уште чекаат оддобрение од Владата, поточно Одлука за давање согласност за продажбата на становите и плацовите на Груевски, иако пресудата за „Плацеви на Водно“ стана правосилна уште пред година и пол.
Ова значи дека двата атрактивни плаца на Водно, вредни околу два милиони евра, а кои беа во скриена сопственост на Груевски, веќе оддамна се обраснати во трева, жбунови и трња. Луксузните станови во Панорама, пак, исто така чекајќи го новиот газда, се покриени со прашина и пајажина. Проценката на петте одземени станови од Груевски беше направена уште минатата есен. Вкупната вредност на апартманите е 1,9 милиони евра, а три се наоѓаат во луксузниот комплекс ,,Панорама” на Водно.