Не си тужибаба ако кажеш кај психологот или наставникот дека другарчето е жртва на некакво врсничко насиство, напротив херојски е да ги спсиш и другите со тоа што ќе спречиш нечие малтертирање – вели д-р Митова.
Околу 64% од младите во државата се депресивни, 56% од младите признале дека имаат суицидни мисли, високи 66% не се обратиле до училишниот психолог никогаш, а 70% финансиски не можат да си дозволат психотерапија. Ова се резултати од анкетата спроведена во рамките на „Националната стратегија за ментално здравје кај младите 2024-2026 година“. Повеќе фактори влијаат за тоа што процентите за негативните трендови во однос на менталното здравје кај младите се во пораст, вели за „Слобден печат“ д-р Васка Митова, специјалист психијатар на Универзитетската клиника за психијатрија.
– Домашната статистика кореспондира и со светската статистика на ментално здравје кај младите, овде мислам и на младите во развиените земји, каде што 30% од младите страдаат од некаква форма на анкциозност. Младите од цел свет се во еден крик за помош – вели д-р Митова.
Недостатокот на психолози во училиштата е еден од водечките фактори кои влијаат на тоа процентите да растат во негативен правец.
– Ако пред 20 години еден психолог бил доволен во училиште, денес тоа не е така, потребно да се делува и во таа насока – рече таа.
Приватната психотерапија не е достапна за секого, посебно не за млада финансиски нестабилна личност, а од друга страна голем процент од децата се срамат да појдат кај психологот за да го споделат проблемот. Државните институции имаат стручни тимови на добри психолози, но оваа опција е непознат терен за мадите.
Докторката ги охрабрува децата да не се срамат да кажат дека имаат проблем, но нагласува дека и ако сте набљудувач не треба да молчите за туѓа несреќа.
– Не си тужибаба ако кажеш кај психологот или наставникот дека другарчето е жртва на некакво врсничко насиство, напротив херојски е да ги спсиш и другите со тоа што ќе спречиш нечие малтертирање – нагласува нашата соговорничка.
Д-р Митова нагласува дека е важно еден човек од најрана возраст да спознава за емотивна регулација и саморегулација. Општествена одговорност и задача е да се работи на тоа.
– Децата од најрана возраст треба да учат за емоции. Во тој поглед родителите се должни да ги научат своите деца дома, а понатаму градинките и училиштата треба да ги едуцираат за емотивна регулација. Мислам дека нештата се поместени од времето кога ние бевме деца и одиме кон добра насока – вели д-р Митова.
Според неа денес премногу се става акцент на слободата кај децата.
– Слободата е едната страна на паричката од другата страна е одговорнсота. Трудејќи се на децата да ги направиме среќни го изоставуваме моментот да ги направиме одговорни.
Дополнително, докторката, проблемот го гледа и во комуникацијата на социјалните мрежи каде што сè е дозволено и лошото не се казнува.
– Пишаната комуникација е различна од непорседната комуникација. Кога зборуваме лице в лице јас помжам да ја почувствувам вашата реакција доколку ве навредам, тоа ми прави рефлексија да сфатам дека грешам и дека границата е до тука. На интернет нема граници во тој поглед, секој на секого може да му напише што ќе посака и да го понижи, навреди. Никој никогаш не бил казнет за агресивно однесување на социјалните мрежи и оттаму произлегува сајбер булингот кој преминува во врсничко насолство и во училиштата – рече Митова.