По 14 години откако беше прогласена за привремено заштитено добро по закон и 6 години откако го доби статусот културно наследство од особено значење, куќата на уметникот Лазар Личеноски сместена на кејот на Вардар со препознатливиот мозаик „Апотеоза на трудот“, сеуште не е комплетно обновена, но е отворена за јавноста. Настанот го организира Европската куќа по повод нејзиниот трети роденден. А, по тој повод во објектот е поставена изложба на дела од студентите на ФЛУ.
-ЧУВАЊЕТО НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО КАКО ШТО СИТЕ ЗНАЕМЕ Е МНОГУ, МНОГУ ВАЖНО ЗА ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ, ПОРАЧА ИЛОНА КАЗАРЈАН, ТИМ ЛИДЕР НА „ЕВРОПСКАТА КУЌА“.
-ДА ЈА ПОДИГНЕМЕ СВЕСТА ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА НАШАТА НАЦИОНАЛНА КУЛТУРНА ВРЕДНОСТ, ОСОБЕНО КУЌАТА НА ЕМИНЕНТНИОТ ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ, ВЕЛИ ПРОФЕСОРКАТА НА ФАКУЛТЕТОТ ЗА ЛИКОВНА УМЕТНОСТ СЛАВИЦА ЈАНЕШЛИЕВА.
Делата на студентите распослани на приземјето и на катот се инспирирани од просторот, од личноста на Личеноски, но и има и такви кои ја коментираат недоволната грижа на надлежните за овој објект.
Крвавите солзи на репродукцијата од автопортретот на Лазар Личеноски, што го изработи студентот Дамјан Јанкоски, е само една од повеќето алузии во делата на оваа изложба, кои говорат за негрижата на надлежните за заштитата на спомен- куќата на Личеноски, еден од основоположниците на современата македонска ликовна сцена.
И ова дело со сркшени стакла од покуќнината има иста цел. Поради несредени имотно – правни работи со наследниците, објектот долго чекаше за обнова. Проектот е изготвен 2016 година, а дури по четири години започнаа работите на терен. До сега е завршена фазата водовод и канализација.Во завршна фаза е електриката. Завршена е реставрацијата на збирката мозаици, а допрва ќе се реставрираат сликите, етнолошката и библиотечната збирка. Министерството за култура ги финансираше активностите, но не секогаш со доволно сретства. За спората обнова на објектот изостана коментар од директорката на Националната галерија под чија управа е куќата од 2015 година, зашто не се појави на настанот. Но, од Конзерваторскиот центар кажаа дека допрва ќе се работи на санирање на влагата.
,,СЕ ИЗРАБОТУВА АНЕКС НА ПРОЕКТОТ , СО ПРЕТХОДНО НАПРАВЕНИ ГЕОТЕХНИЧКИ ИСТРАЖУВАЊА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ ДРЕНАЖЕН СИСТЕМ ОКОЛУ ОБЈЕКТОТ ЗАРАДИ ПОЈАВА НА ВЛАГА ОД АТМОСФЕРСКИ/ПОДЗЕМНИ ВОДИ, КАКО И САНАЦИЈА НА ВЛЕЗНИОТ СТЕПЕНИШЕН ДЕЛ КОЈ Е ДЕГРАДИРАН, СООПШТИЈА ОД КОНЗЕРВАТОРСКИОТ ЦЕНТАР.”
Куќата на Личеноски е изградена 1963 година, а отворањето за јавноста е исполнување на желбата на сопругата на уметникот, таа да биде музеј. Студентската изложба ќе биде отворена до крајот на месецот.