Во најновиот број на неделникот „Фокус“ објавуваме интервју со универзитетскиот професор д-р Ванчо Узунов. Експертот по економија од Правниот факултет во Скопје смета заемот кој владата на ВМРО-ДПМНЕ го зема од Унгарија не е за развој на Македонија, тука за одржување на предизборниот контекст за локалните избори в година.
Вели, општините можат се способни самите да бараат пари. Вака, со тоа што државата се става во улога на давател на пари, наместо на регулатор, се централизира децентрализирана власт и сите општини ќе чекаат од државата да се задолжи за нив.
ФОКУС: Кој е вашиот став за заемот од 500 милиони евра од Унгарија и специјалната економска соработка со владата на Орбан, кој, сепак, имаше подобри услови во однос на пазарот на пари во моментов?
УЗУНОВ: Овој заем не е за развој на Македонија, тука за одржување на предизборниот контекст за локалните избори в година. Парите пред некој ден беа потпишани дека ќе се даваат на општините за инфраструктурни проекти. Тоа треба да ни изгледа како нешто разумно и дека владата се грижи за граѓаните преку локалната самоуправа. Но, не е така, не е искрена.
Да сакаше владата да се грижи за граѓаните, она што треба да го направи е системска реформа да го зголеми капацитетот општините самите да бараат пари. Тоа е децентрализација, општините се способни сами да земаат кредити, да издаваат обврзници итн.
Вака зборуваме за централизирање на децентрализираната власт, сега сите општини чекаат од владата да се задолжи. Сега имаме префрлање, централниот буџет го полнат сите граѓани, а ќе плаќаме за проекти во некои општини што се општински интерес. Ова е само во предизборие и никаков контекст нема за развој.
Од каде се позајмени парите и дали се поевтини условите, тоа е интересно прашање. Зошто земавме пари од овој извор? Не е точно дека парите не се кинески. Орбан рече дека Кинезите не даваат пари да се трошат за што сакаат.
А ЕУ ги дава парите да ги троши за што сака? Таму нема некои услови како ѝ се дадени парите на Унгарија? Дали таа може да ги даде парите на кого било, еве и на Македонија? Тоа прашање ниту се постави, ниту се одговори. Унгарија нема пари, таа позајмува пари и потоа му дава на некој друг, економски, тоа е исто како првиот да му дал на третиот, да не се лажеме. Така што потеклото на пари не ми е јасно. Унгарија не ни ги даде овие пари затоа што нѐ сака нас или затоа што Орбан го сака Мицкоски.
Љубов во економијата нема, а во меѓународната економија или во меѓународните економски односи воопшто. Тука има некои ветени концесии и кога ќе ги видиме, ќе може да зборуваме дали кредитот е поевтин отколку да си земевме кредит од Светска банка или да издадеме еврообврзница. Ние одговорот на прашањето го немаме дали е овој поевтин кредит.
ФОКУС: Неофицијално, големите компании не се заинтересирани за 250 милиони евра од Орбан бидејќи и сега во договор со деловните банки добиваат кредити со добра каматна стапка. Дали ова го направи Мицкоски само за да им се допадне на бизнисмените?
УЗУНОВ: Прво, дали компаниите ќе видат пари е големо прашање, бидејќи досега никој не видел ни едно евро. Тој вети, но досега е дадено само дел за општините. Овие пари не им се поевтини на бизнисмените бидејќи давањето заеми е работа на банкарскиот систем, а не на владата. Затоа постои банкарскиот систем. Ако владата сака да влијае да им ги олесни условите за пристап на компаниите до кредити, тогаш треба да работи на системска реформа за функционирањето на банкарскиот сектор.
Тоа е нејзина работа, системски да го уредува секторот, а не да дава пари. Да била државата добар заемодавач, социјализмот немаше да пропадне. Зошто ги приватизиравме претпријатијата и банките, за сега државата да го преземе она што треба да го работат приватните субјекти со други приватни субјекти.
Државата треба да биде тука регулатор, а не давател на пари. Тоа се прави само да се остави впечаток дека државата се грижи за граѓаните и стопанството, а не е така, се грижи само да остане што подолго на власт.
ФОКУС: Јануари 2025 година е најкритичен, кога треба да се исплати еврообврзницата во вредност од 500 милиони евра, а истовремено има и државни хартии во вредност што доспеваат, во вредност од 136 милиони евра. И Мицкоски и Димитриеска-Кочоска најавија дека повторно ќе тропнат на вратата на Орбан за нови 500 милиони евра. Ако не добијат, тогаш ќе одат со нова еврообврзница. Што, според вас, би било најдобро решение?
УЗУНОВ: Немаме информации доволно за да можеме да го одговориме. Вака ми стои како чисто политичко правдање. Има голема разлика меѓу тоа некој кредит да можеш политички да го правдаш или да го правдаш економски, што е чиста математика. Не знаеме колкава ќе биде каматата во јануари на еврообврзницата. Ако владата го знае тоа, нека го каже. Унгарија, наводно, на Македонија ѝ дава една милијарда, 500 и плус 500 милиони.
Милијарда евра некој некому да даде во денешно време онака како татко на син кога му дава за вечерна журка, нема таква работа. Зошто ги дава, има некоја причина. На крајот на краиштата, парите ги дава развојната банка на Унгарија. Кого го развива таа, Македонија?
Не, таа сака да ја развива Унгарија, што значи дека таа го отвора патот унгарските бизниси да влезат на овој пазар, а ние без никакво прашање за кој што и како, се отвораме кон нив. Дали знаеме дека ќе биде за нас најдобро и дали ќе пројдеме најевтино, тоа допрва ќе го дознаеме. Никој од владата не се потруди да ги отвори до крај картите.
Разговараше: Орце Костов, Од ФОКУС