„Сè за што разговаравме протече во весниците, тоа не е во ред. Дипломатијата не може така да функционира“, му кажа кинескиот лидер на Трудо.
Џинпинг го налутило тоа што канадски функционери на новинари им пренеле дека Трудо при претходниот разговор изразил загриженост за сè поагресивното мешање на Кина.
„Во Канада веруваме во слободен, отворен и искрен дијалог. Ќе ја продолжиме конструктивната соработка, но ќе има нешта околу кои нема да се согласуваме“, кажал Трудо.
Кинескиот претседател на тоа му одговорил, гестикулирајќи и со раце, дека „прво треба да се создадат услови за соработка“. Двајцата лидери го завршиле разговорот со ракување и заминале во спротивни насоки. Оваа непријатна комуникација следи по повторените тврдења на Трудо дека Кина се обидува да ја поткопа канадската демократија. Канадски разузнавачи известија во јануари дека Кина се мешала во изборите во 2019. Во понеделникот канадската полиција обвини научник од електроенергетска компанија во Квебек за шпионирање за наводно испраќање на деловни тајни во Кина.
Бидејќи односите меѓу двете земји се напнати, кинескиот претседател немаше официјална средба со Трудо, иако се сретна со американскиот претседател Џо Бајден, францускиот претседател Емануел Макрон и австралискиот премиер Ентони Албаниз.
Обраќајќи им се на новинарите по тензичната интеракција, Трудо кажа дека разговорите со кинескиот врв „нема да бидат лесни“, но додаде дека Канада мора „конструктивно и директно да учествува и во исто време да ги заговара човековите права и вредностите кои им се важни на Канаѓаните“.