Во неготинското средно училиште ,,Свети Кирил и Методиј” денес напладне се одржа мирен собир, на кој средношколците и професорите им оддадоа почит на жртвите во пожарот во таканаречениот клуб Пулс во Кочани. Со црни балони пуштени во воздухот, младите ја упатија пораката дека мора да живеат во безбедна држава, бидејќи починатите младинци беа деца со соништа, желби и планови како нив, пред кои стоеше целиот живот.
Едноминутно молчење, палење на свеќи и траорна атмосфера за прекинатата младост на 59-те жртви во страотниот пожар кој се случи на 16-ти март, но и поддршка за 155-те повредени лица кои се хоспитализирани во земјава и странство.
-Летајте високо, души невини, порачаа низ солзи присутните, додека се палеа свеќи и се оставаше цвеќе пред гимназијата. Во Неготино, утре во 16 часот народот ќе излезе на градскиот плоштад, каде ќе биде поставена книга на жалоста.