Службите за итни случаи се обидуваат да стигнат до селата погодени од масовно лизгање на земјиштето во изолираната провинција Енга во Папуа Нова Гвинеја, каде што се стравува дека загинале стотици, а можеби и илјадници луѓе.
Одронот затрупа стотици домови во планините Енга, на северот од островската држава во југозападниот Пацифик. Засега не е познато колку луѓе останале затрупани под урнатините во свлечиштето што се случило. Кер Австралија соопшти дека 60 домови се уништени и „сите членови на тие домаќинства во моментов се исчезнати“.
Речиси 4.000 луѓе живеат во областа каде што се случи свлечиштето. Но, агенцијата предупредува дека бројот на погодени луѓе „веројатно ќе биде поголем“ поради приливот на луѓе кои бегаат од конфликтот во соседните области. Амос Акем, пратеник во провинцијата Енга, за весникот Гардијан изјави дека врз основа на извештаите од теренот, „повеќе од 300 луѓе и 1.182 куќи биле затрупани во одронот“.
Тој рече дека напорите за спасување биле отежнати поради блокираниот пат што го поврзува погоденото село Јамбали со главниот град. Има само еден автопат до провинцијата Енга. Свлечиштето создаде лизгање на земјиштето длабоко до 8 метри и зафати повеќе од 200 квадратни километри земја, „вклучувајќи 150 метри од главниот автопат во провинцијата Енга“, според Кер Австралија.
Официјалниот претставник на ОН, Серхан Актопрак, изјави за новинската агенција АП дека областа била зафатена од лизгање на земјиштето со големина од три до четири фудбалски игралишта. Некои куќи во селото беа поштедени, рече Актопрак, но „со оглед на размерите на катастрофата“, бројот на жртвите може да биде поголем од 100.