ЦИВИЛ – Центарот за слобода како организација и јас лично го осудуваме вандалскиот чин со кое се запали македонското знаме. Сметам дека е за крајна осуда таквото однесување. Во палењето знаме нема ништо достоинствено. Вие, ако на ден на знаме на една нација палите знаме на држава која било а уште пострашно во овој случај државата во која вие живеете, тоа значи дека вие не го почитувате ниту своето знаме. Тоа е чин кој за мене е крајно недозволив – вели претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала при неговото гостување во „Слободен печат“.
-Она што можевме да го видиме во вандалскиот чин но и и по брзата реакција на институциите е дека станува збор за млади луѓе па дури и малолетници. Длабоко вознемирувачки е да се биде сведок на вакви инциденти, но уште посериозно е тоа што се врши експлоатација на младите за ширење на деструктивни идеологии и пораки кои ги упатуваат пред сè политичките ентитети во земјава кои се вистински одговорни за настанот – посочи првиот човек на ЦИВИЛ Дерала и дополнува дека постои Закон по кој за одредената возраст треба да дејствува и да се санкционира одреденото поведение.
Претседателот на ЦИВИЛ Дерала ги повикува сите одговорни институции, лидерите во заедниците, но и родителите, просветните работници, граѓанските организации и сите одговорни и достоинствени луѓе да преземат итни мерки за промовирање на толеранцијата и да преземат итни чекори за интензивна едукација против омразата по која било основа.+Повеќе од разговорот со Џабир Дерала можете да го погледнете во видеото во продолжение.