Украина побарала од Соединетите Држави да помогнат во идентификувањето на целите во Русија кои Киев треба да ги нападне користејќи сопствено оружје, објавуваат дел од светските медиуми. Земјата, исто така, побарала Америка да ги укине ограничувањата за употреба на оружје обезбедено од САД против воени цели во Русија. Волстрит журнал објави за ова повикувајќи се на американски и претставници на одбраната. Барањето од Украина беше примено минатата недела и во моментов се разгледува од администрацијата на Бајден. На брифингот на 17 мај, Џон Кирби, координатор на Националниот совет за безбедност во Белата куќа, рече дека Вашингтон во моментов не поддржува помагање на Киев во изборот на цели или користење американско оружје за удар на руска територија.
„Ние не охрабруваме ниту поддржуваме напади на руска територија, што е наша долгогодишна политика“, рече Кирби.
Според медиумите, САД и дале на Украина тактички балистички ракети „ATACMS“ и други системи за оружје под услов Украина да не ги користи за да напаѓа цели во Русија. Забележано е дека ова предупредување, на кое Киев се согласи како услов за добивање оружје, имаше за цел да го намали ризикот конфликтот да прерасне во директна конфронтација меѓу САД и Русија. Пентагон претходно исто така изјави дека верува оти оружјето што САД и го дале на Украина како дел од воената помош треба да се користи на украинска територија.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, реагираше на ограничувањата за употреба на западно оружје од страна на украинските одбранбени сили за напад. Според Зеленски, не треба да има ограничувања за употребата на западното оружје, бидејќи ова не е прашање на офанзива на Украина, туку прашање на одбрана од руски напади.