Во изминатиот период, македонскиот премиер Христијан Мицкоски одржа средби со блиски луѓе на Доналд Трамп, меѓу кои се Ричард Гренел, Хауард Лутник, Девин Нунез, Крис Павловски, Роберт Стефановски… Сепак, ниту тој ниту неговите соработници јавно не потврдуваа дека го фаворизираат Трамп во трката за претседател на САД.
Меѓутоа, висок државен функционер за „Фокус“ вели дека на Илинденска се навивало за Трамп, со надеж дека неговиот избор ќе ја подобри меѓународната позиција на Македонија, која се обидува да најде заеднички јазик со Бугарија за деблокирање на преговарачкиот процес со ЕУ.
Иако премиерот Христијан Мицкоски и неговите блиски соработници во јавноста тврдеа дека немаат фаворит на претседателските избори во САД, сепак, висок државен функционер за „Фокус“ вели дека на Илинденска се навивало за републиканецот Доналд Трамп, кој ја победи Камала Харис од таборот на демократите, што го враќа на чело на најмоќната светска сила по 5-годишна пауза, откако на претходните избори загуби од се уште актуелениот претседател Џо Бајден.
Според нашиот соговорник, македонската влада смета дека со Трамп на чело на САД ќе се подобри меѓународната позиција на Македонија, особено во контекст на заложбите да се најде заеднички јазик со Бугарија за деблокирање на преговарачкиот процес со ЕУ, кој е закочен откако ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски, прво како политичка структура во опозиција, а сега како водечка партија во власта, се противи на уставни измени без гаранции дека влезот на Бугарите во Преамбулата ќе биде последен услов за членство во Унијата.
На неодамнешниот брифинг со новинари, кога уште не беа одржани претседателските избори во САД, премиерот рече дека денес е поголем оптимист дека може да се дојде до договор со Бугарија отколку што бил пред 6 месеци. Патем, посочи дека по неформалната средба со бугарскиот претседател Румен Радев, македонската страна имала стратегија да гради наратив во правец да се најде решение на проблемот.
На тој начин разговарале и со меѓународните партнери, при што, според него, разговорите завршувале со констатација дека пристапот „тоа е тоа“ не е решение. По телефонскиот разговор со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, кој победи на последните парламентарни избори во Бугарија, Мицкоски добил чувство дека Борисов ќе се обиде да формира влада со ПП на Кирил Петров и уште еден партнер.
Притоа, премиер на новата влада ќе настојува да биде токму Борисов, кој, според Мицкоски, во разговорот со него кажал дека Македонците и Бугарите се „братски народи“. Без оглед што не се случува ништо конкретно, сепак, тој денес е поголем оптимист дека може да се најде решение, со тоа што посочи дека Владата настапува со аргументи кои не биле пласирани од неговите претходници.
Тој беше дециден дека евентуалниот епилог од процесот не може да биде полош од моменталната ситуација и нагласи дека нашата цел е да се одбраниме од дополнителни условувања на сметка на националните интереси. Неофицијално, и германскиот канцелар Олаф Шолц изразил подготвеност да посредува меѓу Скопје и Софија, додека во рамки на оваа иницијатива се вклучил и францускиот претседател Емануел Макрон преку близок соработник.
Досега, од страна на САД немало никаква иницијатива, бидејќи веројатно се чекал исходот од изборите.Но, исходот веќе е познат. Имено, на чело на САД се враќа Трамп, чии блиски соработници изминатиот период одржаа средби со Мицкоски.
Еден од нив е Ричард Гренел, човек од доверба на Трамп, кој за време на неговиот претходен претседателски мандат беше амбасадор во Германија и специјален американски пратеник за преговорите меѓу Белград и Приштина. Освен со Гренел, македонскиот премиер се сретна со уште неколку лица кои важат за блиски до Трамп и неговото семејство.
–Им честитам на граѓаните на Соединетите Американски Држави за демократскиот изборен ден или изборен процес. Избраа напредок, избраа нешто што тие одлучија дека ќе им биде приоритет. Го избраа претседателот Трамп да биде повторно нивен претседател. Јас тоа го честитав и не само на него туку и на луѓето кои се дел од неговиот тим. Разменивме по неколку пораки – изјави Мицкоски.
Тој потсети и дека дел од нив летово беа во посета на земјава каде што имаа средби со него и со половина Влада на Илиденска. Меѓу соработниците на Трамп, од кои дел, како што кажа, очекува да добијат високи позиции во администрацијата на новоизбраниот американски претседател, а со кои разменил пораки, ги спомена Гренел, како и Хауард Лутник, Девин Нунез, Крис Павловски.
–Знаете тука на почетокот на август месец или на крајот јули беа присутни Хауард Лутник, кого можевте да го видите како стои веднаш до семејството на Трамп на прес-конференцијата. Лутник е претседател на транзицискиот тим во којшто се пет члена, меѓу кои е и Дон Јуниор, односно синот на претседателот Трамп, таму е потпретседателот сега веќе Џеј-Ди Венс, таму е новиот претседател на САД Трамп, таму е г-ѓата (Линда) Мекмахон. Претседател на тој тим е Лутник…
Исто така, Рик Гренел којшто очекувам исто така да биде дел од тимот на претседателот Трамп. Таму беше и Девин Нунез кој е поранешен конгресмен. Тој, исто така, беше дел од таа делегација којашто беше присутна тука. Моментално ги води компаниите на Трамп, ќе го видите и него на бината исто така. Тука беше и човек со македонско потекло Крис Павловски сопственик на „Рамбл“, исто така искомунициравме од заднината на самиот настан во текот на денот од Мар-а-Лаго, каде што и тие ги следеа резултатите – рече Мицкоски.
За средбите со овие луѓе, плус уште еден – Роберт Стефановски, премиерот говореше и во интервјуто за „Радио Слободна Европа“, каде изјави дека било која опција да победи на претседателските избори, САД ќе го има Балканот низ својата оптика, без никакви „подраматични измени“. Во оваа прилика, Мицкоски рече дека имал средби со луѓе и од таборот на демократите и Харис, меѓутоа не спомена конкретни имиња, како што тоа го стори за средбите со луѓе блиски до Трамп.
–Не само со Ричард Гренел, имав средби и Крис Павловски, којшто е близок и во бизнисот и приватно со синот на претседателот Трамп. Имав исто така средби и со Хауард Лутник, којшто е претседател на, условно кажано, транзицискиот тим на претседателот Трамп, еден од петмината. Еден од најблиските соработници на претседателот Трамп. Девин Нунез исто така беше овде во Македонија. Роберт Стефановски, да речеме, исто така еден близок човек до семејството на претседателот Трамп.
Но, исто така, сум имал многу средби со луѓе од структурата на демократите и од околината на потпретседателката Камала Харис. Тоа не значи дека фаворизираме еден или друг, туку треба да се гордееме што имаме можност како малубројна држава од срцето на Балканот и како политичари што доаѓаат од овој дел од Европа да бидат блиски со најголемата и најсилна држава во моментот – САД. Тоа само може да ни донесе корист како народ и како држава – рече Мицкоски.
Во тој правец, и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „Фокус“, одговарајќи на прашањето дали ако Трамп стане претседател на САД Македонија ќе биде во поповолна позиција, изјави: „Исто мислам дека ќе биде. САД се најголем партнер на Македонија, можеби и единствен искрен пријател на Македонија. И без разлика дали во САД претседател бил демократ или републиканец ние секогаш сме имале партнер број 1 во нив“.
Исто така, и еден од лидерите на ВЛЕН и министер за здравство, Арбен Таравари, во интервју за „360 Степени“, на темата за уставни измени и преговори со ЕУ, рече дека политиките на САД кон Западен Балкан се константни без разлика кој ќе биде претседател.
Единствено, според него, можеби има разлики во нијанси. Арно ама, кога беше прашан дали има чувство дека ВМРО-ДПМНЕ ги чека изборите со надеж дека ќе победи Трамп и дека тоа ќе им ја подобри позицијата, тој одговори: „Видете, сите нешто очекуваат. Можеби се очекува и таму, нормално. Нова администрација секако ќе биде…“.
Влатко Стојановски, Од ФОКУС