Според транспарентноста, Владата од прво место минатата година падна на 40-то место со 87 % активна транспарентност, се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во редовното годишно рангирање на институциите што го спроведува од 2016 година. Од владините институции, максималните 100% активна транспарентност годинава ги задржа само Министерството за одбрана кое четврта година по ред ги објавува сите предвидени информации од активната транспарентност. Според Индексот, просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2024 година изнесува 80% и во однос на лани е подобрена за 4 процентни поени. Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 %, а на општините 79 %. Во однос на лани, кај министерствата нема напредок, а општините се подобриле за 5 процентни поени.
За прв пат годинава, дури пет општини, Берово, Битола, Валандово, Кавадарци и Кичево остварија 100 % активна транспарентност. Меѓу регионите, Источниот Регион ја задржа и дури ја подобри лидерската позиција во однос на другите региони со 88% активна транспарентност, додека Скопскиот Регион за многу малку ја избегна последната позиција на која што се наоѓаше со години. Сега, на последно место е Североисточниот Регион со 72% активна транспарентност. Како што наведуваат од Центарот за граѓански комуникации, под „активна транспарентност“ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Постои и законска основа за проактивно објавување информации, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони, како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и друго. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.