Ќе има голема одговорност, милијарди денари се во прашање. Не само при увозот на јаглен и ископите, има и други набавки кои се исклучително сомнителни. Транспортни траки, ремонти…, рече премиерот Христијан Мицкоски. Во врска со тоа, проверките што ги извршивме покажуваат дека годинава се спровел голем тендер за ремонтни активности, а највредните договори биле склучени со добро познатата „Марковски Компани“. Што се однесува до транспортни ленти, пак, големи набавки се направиле од српска и бугарска компанија.
За време на овие стотина дена по промената на власта, се уште не се остварени амбициозните предизборни најави за одговорност на поранешни високи функционери обвинувани за „епски криминал” Сепак, од Владата уверуваат дека се работат десетици случаи каде се испитуваат сомнежи за злосторнички здруженија кои злоупотребиле милионски средства. Во таа насока, премиерот Христијан Мицкоски јавно ветува дека ќе има „голема одговорност“ за набавките на АД ЕСМ за РЕК Битола.
Во гостувањето на МРТВ, Мицкоски тврдеше дека во фаза на истрага се десетици предмети во чии рамки се испитуваат сомнежи за милионски криминал преку злоупотреба на службена положба, перење пари, тендери… Сепак, како што истакнува тој, случаите каде постои злосторничко здружение потешко се докажуваат. Затоа, според него, за нивно документирање и процесуирање ќе треба „малку повеќе време“.
За да констатирате дека некој злоупотребил државни средства и со тоа купил мече е многу поедноставно отколку да откриете и докажете злосторничко здружување, перење пари и злоупотреба преку јавни набавки, тендери во вредност од 5 милијарди денари. Тоа е во процес, но ова е побрзо зашто ја гледате картичката и констатирате дека потрошени се пари за тоа. Но, за да видите што е направено при увозот на мазут во ТЕЦ Неготино, при увозот на јаглен или ископите во РЕК Битола или при набавката на вакцини и тендерите „Стабри“, тендерите на Онкологија итн. итн., ќе треба малку повеќе време зашто тие ги нема на хартија. На сето ова претходеше промена во институциите задожени за истрага (УЈП, Финансиска полиција, Финансиско разузнавање), кои во содејство со Финансии и МВР покренаа истрага за тоа што сме зборувале – рече тој.
Во однос на прашањето дали ќе има одговорност за РЕК Битола, тој одговори: „Ќе има голема одговорност. Не би влегувал во детали, милијарди денари се во прашање, милиони во евра. Не само при увозот на јаглен и ископите, има и други набавки, и не е само мазутот и не е само јагленот и не е само ископот на јаглен и јаловина, туку има и други набавки кои се исклучително, исклучително сомнителни. Транспортни траки итн.итн., ремонти и сл. Ќе има огромна одговорност, верувајте ми“.
Во врска со обвинувањата што предизборно ги испорачуваше за АД ЕСМ во врска со јавните набавки за потребите на РЕК Битола, премиерот говореше и во неодамнешното интервју за Фокус, кога посочи дека лично се занимава со дел од сомнителните тендери. Притоа, објасни дека првично се занимавал информативно и собирал податоци, а откако ќе дојде до промена на раководството во ЕСМ, како што нагласи, подлабоко ќе навлезат. Во меѓувреме, оваа промена се случи.
Во овој момент, можам да кажам дека само во РЕК Битола, од втората половина на 2021 година, заклучно со мај 2024 година, се однесени отприлика 1 милион и 600 илјади тони јаглен. Бидејќи точно се знае од рудникот колку е транспортот, тоа е 8,5 евра по тон, колку во рудникот чини рудата, колку таа се продава во РЕК Битола… Само во овој период, само за оваа зделка доаѓам до фрапантен податок дека разликата е околу 40 милиони евра.
Јас ќе повторам – разбирам да заработите 10 проценти, 20, еве многу сте вешт, па да заработите 25, но не можам да разберам да заработите двојно или тројно. Тоа е грабеж и не е етички. Ниту еден нормален и чесен бизнисмен не би се нафатил на таква зделка. Да не ги коментирам индициите, каде што 10, 12 евра по тон завршувале, во кои политички партии, кај кои политички моќници. За тоа нема да коментирам додека не го потврдиме, ама многу бргу и тоа ќе го потврдиме – рече Мицкоски за „Фокус“.
Инаку, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во својство на опозиција, најмногу ги критикуваше набавките на јаглен и мазут од странство, како и договорите за ископ и транспорт на јаглен и јаловина, кои во најголем дел ги добиваше битолската компанијата „Марковски Компани“ на Борче Марковски, почесен конзул на Белорусија. Меѓу другото, „Фокус“ пишуваше за оваа компанија кога таа за подизведувачи Зема компании поврзани со Заеви, кога водеше битки со конкурентската „Пелистер” на Силјан Мицевски и така натаму.
И по изборите, кога ВМРО-ДПМНЕ премина од опозиција на власт, партијата продолжи да испорачува обвинувања, така што на една прес-конференција прашаа: „Дали 3.5 милиони евра од тендерите на „Марковски Компани“ преку фирми на Заеви ќе завршат во СДСМ?“. Додека се мислеше дека истражните органи по политичките промени ќе се фокусираат исклучиво на овие тендери за ископ и транспорт на јаглен, сега Мицкоски јавно вели дека сомнителни биле и друг тип на набавки, споменувајќи ги набавките на транспортни траки и ремонтите.
„Марковски Компани” и ремонти, српска и бугарска компанија доставувале транспортни ленти!
Според официјалните податоци од Бирото за јавни набавки, државната компанија за производство на струја АД ЕСМ склучила повеќе договори за ремонтни активности во термоелектраната РЕК Битола со различни компании или економски оператори.
Имено, последниот таков договор е од јули годинава. Целата набавка е со проценета вредност од 1,5 милијарди денари. Јавната набавка е поделена на 42 дела или лота, од кои двата највредни од по 208 милиони денари, или вкупно 416 милиони денари, ги добила споменатата „Марковски Компани“. Што се однесува до набавките на транспортни траки или ленти, годинава е спроведена таков тип на набавка со проценета вредност од 575 милиони денари. Набавката била поделена на 5 лота, а сите ги добила српската компанија „Епбелт Лозница“.
Исто така, годинава биле склучени неколку договори за набавка на лепила и материјали за санација на гумени транспортни ленти, а такви договори биле склучени со повеќе домашни фирми. Пред 2 години, пак, односно во 2022 година, била спроведена набавка на транспортни ленти во итна постапка без објавување на оглас, вредна 295 милиони денари, во чии рамки сите договори биле склучени со бугарската компанија „Каучик АД“.