Повеќе од 15.000 лица се водат како исчезнати од почетокот на воената агресија на Русија врз Украина на 24 февруари годинава, соопшти канцеларијата на Меѓународната комисија за исчезнати лица лоцирана во Кијив, пишува Гардијан. Програмскиот директор на оваа комисија за Европа, Метју Холидеј вели дека нема прецизни податоци колку лица се насилно префрлени или држени во затвор во Русија, ниту пак се знае колкав дел од нив умреле и се закопани во масовни гробници.Форбс Украина проценува дека Русија од почетокот на воената агресија потрошила 28 милијарди долари за војната во Украина, пренесува Гардијан. Војната во Украина трае веќе девет месеци, а во ваквата проценка се вклучени единствено директните трошоци кои се неопходни за поддршка на воените операции. Во сумата од 28 милијарди евра не се вклучени загубите кои ги претрпува руската економија поради санкциите или другите индиректни трошоци од воената инвазија.

   

Украинското издание на економскиот магазин анализира дека ваквите трошоци за Русија би можело да изгледаат сосема прифатливи во изминатата пролет, кога земјата добивала околу 1 милијарда долари дневно за нафта и гас, но од денешна перспектива ситуацијата е поинаква. Русија веќе има намалени приходи во федералниот буџет од извозот на нафта и гас, таа го изгуби поголемиот дел од европскиот пазар на гас по прекинот на снабдувањето со Северен тек. Истовремено, санкциите за руската нафта ќе започнат во декември.Светските медиуми утрово јавуваат дека делови од Кијив и утрово се разбудиле без снабдување со струја, при што градоначалникот Витали Кличко им порача на граѓаните дека енергетските компании ќе се обидат да ја вратат електричната енергија за корисниците, иако речиси половина од Кијив и понатаму е без струја.

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа повтори дека Русија спроведува „енергетски терор“ врз Украина, бидејќи таа постојано се обидува да ја уништи енергетската инфраструктура на земјата.Во изминатово деноноќие имало нови ракетни напади врз населени места во регионите Днипропетровск и Запорижја. Руските ракети оштетиле болница во градот Запорижја, но нема повредени и загинати лица, информираат украинските власти. Борбените дејствија на фронтот со несмалено темпо продолжуваат во Донецкиот и Луганскиот регион, но руските сили безуспешно се обидуваат да ја пробијат одбранбената линија на Украина.