Возило на брза помош удрило велосипедист во Орегон, САД, по што го однело во болница на лекување, а притоа му наплатиле повеќе од 1.800 американски долари. Ова се тврди во тужбата што ја поднел пациентот, а пренесува Гардијан. Во тужбата поднесена минатиот месец се вели дека 71-годишниот Вилијам Хоеш со својот велосипед патувал низ округот Колумбија, Орегон во октомври 2022 година и се движел во иста насока како и брзата помош. Медицинското возило потоа се обидело да сврти надесно на друга улица, при што удрило во Хоеш и му го оштетило велосипедот, а Хоеш завршил со скршеници на носот, гребнатини и други повреди по телото.
Тој сега го тужи противпожарниот и спасувачкиот оддел на Колумбија Ривер за речиси еден милион американски долари, откако агенцијата што ја обвинува за несреќата му испратила сметка од 1.862 долари за возење со амбулантното возило. Во тужбата се тврди дека Хоеш завршил со трајни повреди и досега собрал сметки од околу 47.000 долари за медицински трошоци, објави локалниот медиум Орегон Лајв. Оштетениот од медицинската институција бара 997.000 долари поради болка и страдање, како и плаќање на сите сметки за лекување.