„Исправноста на возилата е под ингеренции на двете автобази, едната во населбата Ѓорче Петров, а другата во Автокоманда. Секојдневно во овие автобази се сервисираат тековно возилата, во зависност од типот на нивниот дефект во соодветното одделение. Но, исто така, автобусите поминуваат и технички преглед кај овластени станици за тоа, на секои 6 месеци. Во согласност со процедурата, работоводителите на одделението во постоечките автобази, според систематизацијата на работните места, потпишуваат за исправноста на возилата. Возилото во сообраќај го пушта сменоводителот на оддел во автобазата. ЈСП Скопје ги набавува резервните делови по утврден План за јавни набавки и со спроведување постапка за јавна набавка. Сите возила кои секојдневно се пуштаат во сообраќај ги поминуваат секојдневните процедури на проверка за исправност на возилото“, посочуваат од ЈСП Скопје за „Само прашај“.
Се кријат налозите за дефекти
Многу поинаква, речиси спротивна е сликата што за исправноста на автобусите и за нивното одржување и сервисирање ја посочуваат вработените. Нема ниту доволно автобуси, ниту делови, а што е исто така многу важно, нема ни оддалеку доволно вработени во сервисот, тврди за „Само прашај“ Меџит Идризи, долгогодишен вработен во ЈСП, кој бил и механичар и возач. Тој бил еден од првите што интервенирале кога на почеткот од јули се запали автобусот во близина на Железничката станица. Тврди дека ЈСП во сообраќај пушта автобуси кај кои се пријавени помали дефекти. Обвинува дури и дека се кријат налозите со кои е пријавен дефектот, се заменуваат и возилото се враќа на улиците.