Обвинителството на Босна и Херцеговина претходно соопшти дека акцијата е со цел гонење лица осомничени за организиран криминал, неовластена трговија со големи количества наркотични дроги, перење пари и други поврзани кривични дела. Тие додаваат дека операцијата била поддржана од ФБИ, ДЕА и Европол.
Во акцијата ќе се вклучи и Министерството за внатрешни работи на РС бидејќи, според Кликс, истрагата се проширува и на лица од тој ентитет во Босна и Херцеговина.Досега повеќе од десет лица се уапсени во акцијата спроведена од припадници на МВР на кантонот Сараево, Зеничко-добојскиот кантон и Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА).
Сараевски Аваз објави дека по наредба на Обвинителството на БиХ досега се уапсени шефот на Специјалната полиција на МВР на Федерацијата БиХ (ФУП) Мустафа Селмановиќ и сараевскиот бизнисмен Гордан Мемија. Приведен е и Вахидин Муњиќ, в.д. директор на ФУП.Меѓу уапсените се Емир Друшиќ, Адин Ќатиќ и Сенад Кадиќ, специјалци на ФУП, кои пред осум години го чуваа наркобосот Един Гачанин Тито во Сараево. Уапсени се и Миладин и Дражен Чобовиќ, поранешни членови на ФУП, кои го чуваа и Гачанин во Сараево. Неколку лица се уапсени во Мостар и Зеница, каде се уште траат претресите.Порталот Аваз наведе дека во Сараево е уапсен и директор на приватна компанија.
Наркобосот Един Гачанин, познат како Тито, во ноември минатата година склучи договор со Обвинителството во Холандија и беше осуден на седум години затвор и парична казна од еден милион евра за шверц на дрога.Един Гачанин е најголемиот балкански наркобос, кој има холандско државјанство, а на американската „црна листа“ е од март минатата година.Роден во Сараево, Гачанин во својот картел вклучил членови на неговото семејство и пријатели од Босна и Херцеговина.