Српската наставничка која се соочи со исмевање од своите ученици, кои ја снимаа со мобилен телефон и го тргнаа столчето на кое таа седеше, вели дека е задоволна затоа што колегите ја поддржуваат.
Професорката моментално е на боледување, а против учениците е поведена кривична постапка.
„Во моментов не можам да одам на училиште, се држам засега, има денови кога сум добро, има денови кога ми е потешко, многу ми значи големата поддршка од колегите од училиштето“, изјавила за „Новости“ професорката од Техничкото училиште во градот Трстеник.
Се работи за тројца ученици кои доцнеле на часот по англиски, а кога дошле го направиле инцидентот, пренесува Н1. Сѐ се случило на 9 ноември.
Директорот на училиштето, Милан Глиџиќ за Н1 изјави дека до следната среда ќе биде донесена одлука за казната за овие ученици, а за случајот се информирани и јавното обвинителство, Центарот за социјална работа и управата на училиштето. Известени се и родителите. Учениците кои ја понижуваат наставничката можно е да бидат исклучени од училиштето.