Има институции кадешто бројот на вработени е преголем, но само 30 до 40 проценти вистински ги исполнуваат своите работни задачи и тоа е пред се резултат на досегашното партиско вработување во изминатите 30 години, вели министерот за јавна администрација Горан Минчев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.Тој зборуваше и за проблемите со Балансерот.
– Во овој момент се применува законското решение. Сè додека нема друго законско решение на сила останува примената на Балансерот, согласно Законот за вработени во јавниот сектор, но тоа не значи дека нема да биде предмет за расправа за евентуално укинување на таа алатка Балансер – рече тој и потсети на скрининг извештајот на Европската унија до 2023 година во кој се вели дека намената на Балансерот за која што е создаден практично не се исполнува, односно дека тој се злоупотребува.
Според Минчев, некои институции имаат 15 вработени, а имаат управни одбори од седум членови кои, како што дополни, патем земаат околу 2.000 до 2.500 евра и прават годишен трошок во Буџетот од околу 250 илјади евра, а имаат седница еднаш во годината.