Со цел точно информирање на јавноста за состојбата со ЈОУДГ „8 Март“, Општина Струга, и спречување на ширење на дезинформации кои го нарушуваат угледот и работата на Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, како и работата на самото Министерство, ги известуваме граѓаните дека инспекторите од Одделението за инспекциски надзор за заштита на децата при Министерството за социјална политика, демографија и млади извршија вонреден инспекциски надзор во ЈОУДГ „8 Март“, Општина Струга и констатираа дека се згрижуваат деца со намален капацитет и градинката од 30.07.2024 година нема ниту вршител на должноста директор ниту директор.
Следствено на тоа, Министерството изврши надзор над работата на органите на Општината односно градоначалникот на О. Струга чија законска обврска е именување на вршител на должноста директор односно именување на директор на предучилишната установа и му беше дадено укажување веднаш да постапи согласно неговите ингеренции од областа заштита на децата бидејќи со настаната состојба е оневозможено тековното функционирање на предучилишната установа.
Со самото тоа што нема овластено лице во правното лице (јавната установа) односно директор, нема можност за вработување на кадар по ниту еден основ. Согласно одредбите за заштита на децата, единствен надлежен за именување директор е градоначалникот односно општината како основач на предучилишната установа. Оттука, наводите од страна на политичката партија Левица, дека Министерот Лимани ги оставил градинките во Струга без кадар, објавено во медиумите, се само неуспешен обид за девалвација и собирање на политички поени на опозицијата.
Исто така, неуспешни му се и обвинувањата на градоначалникот на Општина Струга, кој вината за настанатата состојба ја посочи во министерството. Министерството за социјална политика, демографија и млади и министерот Лимани остануваат посветени на зацртаните приоритети, а тоа е обезбедување на квалитетно предучилишно воспитание и образование, согласно законите.