Народното собрание на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска вечерва ги усвои нацрт-уставот на ентитетот и Законот за заштита на уставниот поредок на РС – потег што со сигурност ја продлабочува политичката криза во БиХ, пренесе „Нова.рс“. За нацрт-уставот гласаа 50 пратеници, а против беа осуммина. На предлог на претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ, донесен е и заклучок со кој се прифаќа барањето за арбитража за решавање на спорот. Исто така, беше одлучено нацрт-уставот на РС да се стави на јавна расправа која ќе трае 30 дена.
Во новиот устав, чиешто само постоење во оваа форма е спротивно на уставното уредување на БиХ според Дејтонскиот договор, се наведува дека Република Српска има право на самоопределување и дека може да се здружува во сложени државни заедници од федерална или конфедерална структура со соседните и други држави или групи држави. Според овој предлог, како што изјави генералниот секретар на претседателот на РС, Јелена Пајиќ Баштинац, ефективно се штити уставниот поредок и се предвидува формирање на специјално обвинителство и специјален суд на РС. Канцеларијата на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит, одговори на одлуките на Националното собрание на РС.
„Донесувањето на Законот за заштита на уставниот поредок на Република Српска претставува директен и намерен напад врз правниот поредок на Босна и Херцеговина. Едностраното формирање на паралелни судски институции под директна контрола на Народното собрание на Република Српска флагрантно ја игнорира надмоќта на федералното законодавство и обидите за спроведување на законите кои се привремено суспендирани со привремените мерки на Уставниот суд на Босна и Херцеговина“, пишува во првата реакција на меѓународната заедница.
„Ова не само што покажува јасно непочитување на одлуките на Уставниот суд од страна на властите на Република Српска, туку претставува и сериозно кршење на Дејтонскиот мировен договор и уставната рамка на Босна и Херцеговина, што отвора нови случаи на кривична одговорност за оние кои ги извршуваат овие дејствија“, се додава во соопштението.