Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили најверојатно наскоро нема да се најде пред матичната собраниска Комисија за социјална политика, демографија и млади. Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска во пишана изјава за ТВ Канал 5, вели дека нема да свика седница на Комисијата, повикувајќи се на истото образложение што во четвртокот го соопштија од Собранието, а тоа е дека седница веќе била свикана. Во изјавата Гаши цитира делови од членот 126 од Деловникот, кои, пак според неговото толкување му го одземаат правото да интервенира.
„Деловникот во член 126 не вели дека ‘ако претседателот на Комисијата одбива да стави конкретен закон’, туку ‘ако претседателот на Комисијата не свика седница’. Со тоа што Илире Даути свика седница во рамки на роковите, не можам да свикам, Деловникот ми го одзема правото на интервенирам и да назначам друг пратеник да ја води седницата“,
вели собранискиот спикер.