Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, изјави дека знаел што го очекува кога објавил дека бара налози за апсење на лидерите на Израел и Хамас, и дека ќе влезе во, како што рече, „политичко минско поле“. но нагласи дека немал избор. Кан за Сандеј Тајмс изјави дека морал да побара налози за апсење бидејќи меѓународното право мора да важи подеднакво за сите, а правата на жртвите мора да бидат на прво место. Пред неколку дена Кан побара издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, како и за тројца лидери на Хамас за злосторства против човештвото.
Коментирајќи ги критиките на американскиот претседател Џозеф Бајден и британскиот премиер Риши Сунак кои тие ги упатија во врска со ова барање, Кан рече дека МКС не смее да биде пристрасен во својата работа и мора да нагласи дека животите на цивилите во кој било дел од светот се подеднакво вредни. Меѓународниот кривичен суд (МКС) нема начин да спроведе одлука за налози за апсење, но доколку издаде таков налог, сите 124 земји што го потпишаа договорот со кој беше основан судот ќе бидат обврзани да го уапсат Нетанјаху доколку тој се најде на нивна територија. САД не се потписници на тој договор, а не е ниту Израел.
„Израел има право да го заштити своето население и да враќа заложници. Но, никој нема дозвола да врши воени злосторства или злосторства против човештвото“, рече Кан. Кан рече дека секој ден МКС добива заканувачки пораки и трпи други видови на притисок, директни и индиректни. Барањето на Кан за налози за апсење на Нетанјаху, Галант и тројца лидери на Хамас наиде на жестоки критики од САД и Велика Британија, а неговата одлука беше поддржана од Франција, Белгија, Ирска и Германија.