На почетокот малку бев разочаран, ама си викав, ај има време, ќе биде подобро. Кога се случи скандалот со Специјалното обвинителство и пропаѓањето на тие судски случаи бев гневен. Сега сум веќе огорчен и згаден. Ама, од некаде мора да се црпи оптимизам. Не се живее во апатија. Еве, нека биде охрабрувачко сознанието дека сите се провалени. ВМРО беше зло и не смогна сили ни да се извини за злото што ѝ го направи на државата. ДУИ си се ДУИ – банда која се позиционираше како зло без кое не се може, оти без нив ќе биде и полошо. А по последнава лажга на СДСМ дека европска вредност е да не се казнува криминалот за државни пари, мислам дека и најголемите апологети на власта веќе се мачат како да не признаат дека сите се стварно исти.
И доста веќе плачеме за Шарената револуција. Џабе била. Не е вистина. Шарената револуција си ја заврши работата. Се случи промена. Падна режимот. Вистинските шарени не жалат дека по цели ноќи дежураа кај камповите на средношколците што протестираа и со месеци маршираа по улици, често пати и на своја штета, оти не беше баш безопасно.
Но, вистинските шарени останаа да бидат критични кон новата власт често и на своја штета. И на вистинските шарени можеби им е жал дека власта не ги послуша да владее почесно и подобро, ама тоа не значи дека ќе ѝ простат. Ова е наша држава, не е на политичарите. И треба да си ја вратиме. Другата опција е да се иселиме или да чмаеме. Е па, не сакам ни да се иселам, ама ни да чмаам. Па ајде, баш таа згаденост од горкото сознание дека сите се исти нека биде охрабрување за нова битка. Целата колумна на СДК.МК